Европската комисија денеска потврди дека во петокот поднеле тужба против производителот на вакцини АстраЗенека. Тужбата е поради непочитување на прелиминарниот договор за набавка на вакцини во земјите на Европската унија.
Бриселскиот портал „Политико“ уште минатата недела, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека ЕК се подготвува да поднесе тужба.
На состанокот на европските дипломати повеќето европски земји потврдиле дека ќе поддржат тужба против „Астра Зенека“ за кршење на договорот за испорака на вакцините. Двајца од петмина неименувани европски дипломати на кои се повика „Политико“, потврдиле дека до крајот на неделава е рокот до кога државите треба да се изјаснат за тужбата.
Договорот предвидува 400 милиони дози, од кои 300 милиони се нарачани, додека набавката на 100 милиони не е задолжителна.
„Астра Зенека“ предизвика негодување во ЕУ во јануари, кога соопшти дека нема да може да ја достави количината на вакцини за кои првично се обврза. До крајот на првиот квартал, таа испорача 30 милиони дози во земјите на ЕУ, а не 100 милиони колку што беше договорено и тој недостаток се одрази врз кампањите за вакцинација низ цела ЕУ, објави „Политико“.
Компанијата соопшти дека ќе испорача околу 70 милиони дози до крајот на вториот квартал, а според договорот со ЕУ до тогаш треба да ги достави сите 300 милиони.