Македонската асоцијација на рударството (МАР) смета дека извештајот на Државниот завод за ревизија за постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини не ја кажува целосната слика во рударскиот сектор, односно со податоци од поединечни случаи или негов сегмент се даваат констатации за целиот сектор.
Во последниот извештај се наведува дека начинот на пресметка на надоместоците за експлоатација на минералните суровини не ги одразува реалните продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите.
– Сепак, она што може да се смета за недостаток на овој ревизорски извештај е тоа што во него се даваат и констатации кои се однесуваат на целиот сектор, а се извлечени од податоци за само еден негов сегмент или од поединечни случаи. Имено, како што е наведено и во самиот извештај, во земјава работат вкупно 257 концесионери, од кои најголем дел се занимаваат со експлоатација на неметалични суровини – варовник (106 концесии), вода (49 концесии), песок и чакал (44 концесии) и мермер (29 концесии), што претставува 88% од вкупниот број издадени концесии, а само околу 12% се во делот на металичните суровини
Од друга страна, иако бројот на концесионери и концесии за експлоатација на металични суровини е далеку помал во однос на неметаличните суровини, најголемо учество во наплатените концесиски надоместоци (52,3% или над 23 милиони евра) имаат токму рудниците за метали. Исто така, токму рудниците за метали плаќаат концесиски надоместок за експлоатација дефиниран како процент од пазарната вредност на металичната суровина која се утврдува според нејзината берзанска цена.
Сепак и покрај ваквата состојба, заклучоците во извештајот на ДЗР што се однесуваат на висината на надоместоците за користење на простор и за експлоатирани количини се донесени само врз основа на податоци од концесиите за неметалични суровини. Според ова, може да се каже дека во овој дел извештајот на ДРЗ не ја отсликува реално ситуацијата во секторот – вели Ивица Талевски, претседател на Македонската асоцијација на рударството (МАР).
Од МАР сметаат дека во извештајот воопшто не е споменато дека секторот за минерални суровини дава значителен придонес за домашната економија, обезбедува работа и социјална сигурност за голем број семејства, го зголемува извозот и придонесува за целокупниот одржлив развој на земјата.
– Имено, во периодот 2012-2021 бруто додадената вредност на овој сектор е зголемена за 48%, а неговото учество во создавањето на вкупниот бруто-домашен производ на земјата постојано расте (во првото тромесечје од 2024 година достигна 3,5%), за разлика од некои други сектори кои добиваат значителна државна помош и субвенции, а чие учество во креирањето на БДП на земјата континуирано опаѓа.
Во овој контекст, формирањето на посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, кое ќе води сметка за спецификите на овој сектор и може поефикасно да одговори на различните предизвици, од кои дел се наведени и во извештајот на ДЗР, претставува значаен показател и охрабрување дека конечно ќе биде препознаен потенцијалот на овој сектор и неговиот придонес за натамошниот одржлив развој на македонската економија – додава Талевски.
Од МАР велат дека во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) се наведени неколку особено важни констатации и препораки на кои веќе подолг временски период укажуваат МАР и експертите од областа. Таква е на пример препораката на ревизорите за донесување на долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини, забелешката за недоволно прецизната законска регулатива во оваа област, изложена на чести измени и дополнувања, како и укажувањето на потребата од поголема координација помеѓу надлежните институции што го регулираат и контролираат работењето на секторот.
За концесиски надоместок за експлоатација на минералните суровини, државата наплатила само осум милиони евра годишно, односно 45 милиони евра во периодот од 2018 година до 2022 година од кои, околу 4,6 милиони евра надоместок за користење на простор и околу 40,2 милиони евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина.
За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022 година се доделени вкупно 348 концесии на 257 концесионери, на вкупна површина од 333,73 километри квадратни, што претставува 1,3 отсто од вкупната територија на државата, од кои за експлoатација на мермер се доделени 29 концесии. Вкупно се експлоатираат 50 видови на минерални суровини. Најмногу концесии се издадени за експлоатирање на варовник, вода, песок и мермер.
Орце Костов