Минатата седмица се случуваше вистинска драма во близина на Титов Врв на Шар Планина, откако еден планинар и двајца полицајци беа повредени при спасувачка акција, додека пак друго лице беше пронајдено мртво во пазувите на оваа планина.
Лошите временски услови и несоодветната опрема се едни од можните причини за овој немил настан, кој само потсетува дека планинарите треба да внимаваат при движењето во планина, но и фактот дека Македонија се соочува со недостаток од стручни тимови за спасување на планина.
Па така, обучени лица за спасување во рамките на планинските станици во Скопје лоцирани на Водно и Матка, а во рамките на Црвен крст на град Скопје има 22 лица.
Како што истакнаа од Црвен крст – Скопје, тоа се лица кои се обучени животоспасувачи / парамедици за планински услови. Истите се распоредени во 11 тимови и истите дежураат за време на викенди и празници кога има најголем број на рекреативци во тие региони.
Од јануари 2018 до октомври 2022 година овие тимови имале 425 медицински интервенции и интервенции на транспорт до Клиничкиот центар. Со другите партнери од државата, МВР, ЦУК и ДЗС учествувале во 15 акции.
Податоците говорат дека се потребни многу повеќе обучени лица, и покрај тоа што станува збор за планински предели кои бараат добра подготвеност.
„Во рамките на програмата за одговор и дејствување при катастрофи редовно се реализираат обуки за дополнување на тимовите. Секогаш има потреба од овој тип на волонтери во Црвениот крст. Сепак се работи за специфична активност и затоа регрутацијата за овие лица е со посебни критериуми“, ни истакнаа од Црвен крст – Скопје.
Тим на спасувачи на планина има и во Црвен крст – Охрид согласно со меѓународната пракса и препораките на Интернационалната комисија за алпско спасување – ICAR (International Commission for Alpine Rescue).
Уште во 2005 година, Црвен крст Охрид започнува со активности за формирање и организирано делување на Единица за спасување на планина и непристапни терени, подготвена да помогне со своите скромни ресурси и вештините на локалните алпинисти и планинари, на територијата на општините Охрид и Дебрца.
Во 2017 година, формирана е Планинска спасителна служба која делува во рамки на Црвен крст Охрид и која обезбедува 24 часовно дежурство во поширокиот регион на Охрид, покривајќи пет општини (Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани и Ресен).
Истата располага со 50 волонтери, од кои 16 алпинисти, кои го сочинуваат главното јадро за спасување на комплексен технички терен, двајца лекари, од кои еден кардиолог и еден специјалист ортопед хирург и повеќе од 30 искусни планинари, кои се обучени за пребарување и спасување на нетехнички планински терен. Сите припадници на ПСС на Црвен крст Охрид се обучени за укажување на прва помош и за користење на современи специјализирани средства за планинско спасување, според препораките на ICAR.
Во периодот од 2018 година до денес ПСС на Црвен крст Охрид има примено вкупно 148 повици на специјалниот СОС број 13-112. Во 124 случаи се интервенирало на терен од кои дури 37 случаи биле врз повредени со политрауми и 87 асистенции на заглавени возила, параглајдеристи закачени на дрво, залутани и изгубени планинари и сл.
Антонио Додевски, раководител на Планинарската спасителна служба при Црвен крст – Охрид не е задоволен од ресурсите со кои располага државата за вакви сложени спасувачки акции кои носат одредени ризици на планина.
„За да може да зборуваме за ефикасен систем за планинско спасување, потребно е да имаме во предвид дека е неопходно исполнување на два клучни фактори, а тоа се: 1. Високо едуциран и вешт кадар и 2. Специјализирана опрема. За жал, во нашата држава, владее една превртена перцепција дека најголем недостиг ни се парите и опремата, која навидум е „непремостив“ проблем. Во сите досегашни случаи, кога станува збор за сериозни планински несреќи, институциите бараат спас во МВР, како најопремено министерство, кое располага со хеликоптери, возила, опрема.
Но, не располага со специјализиран кадар за планинско спасување. Специјалните единици на МВР, се едни од најдобрите според некои статистики, но во сферата на антитероризам, што е и нивна примарна дејност. Најдобар доказ за тоа е и последниот настан на Шар Планина, кога само еден локален алпинист, ја „вадеше од кал“ спасителната операција, која по ниту еден критериум не може да се оцени како успешна и ефикасна“, анализира Додевски за „Фокус“.
Како што додава тој, екипата за која е тој одговорен е сериозно обучена за тешки планинарски спасувачки акции и добро опремена. Поради искуството кое го поседуваат, подготвени се да помогнат и во другите региони од Македонија.
Тој со своите колеги од оваа ПСС и Здружението за планинско спасување Асклепиј од Скопје формирале Национален сојуз за планинско спасување – НСПС, во кој денес членуваат седум организации како редовни членови и пет аспиранти за членство, од скоро сите региони во државата, со повеќе од 250 волонтери, искусни алпинисти, планинари, спелеолози, ски патролери и сл.
„Самиот факт, што главен столб на НСПС е Македонската алпинистичка федерација, укажува на квалитетот на кадарот со кој располагаме, а веќе воспоставената пракса на делување во охридскиот регион и спроведените проекти, докажуваат дека можеме за кратко време и во целост да ги исполниме светските стандарди на ова поле во државата. За жал, се уште недостасува институционалната поддршка од државните и локалните власти, целосната интеграција во системот на државата и меѓусебната комуникација и координација со останатите служби, што на крајот резултираат со катастрофален исход на спасувачките операции“, го заврши разговорот тој.
Фото – Црвен Крст – Скопје
Јорданчо Цветаноски