Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), во која членуваат над 95 проценти од лиценцираните приредувачи на игри на среќа во обложувалница испрати писмо до пратениците од Комисијата за европски прашања во кое бара тие да кажат СТОП на неевропскиот и неуставен предлог Закон за игри на среќа и да го заштитат го сопствениот народ.
„Предупредуваме дека овој закон ќе донесе катастрофални последици за целото општество со тоа што повеќе од 10.000 директно вработени и 54.000 индиректни работници ќе останат без приход и работа. Станува збор за ваши сограѓани чија поддршка во изборниот процес сите ја баравте ветувајќи подобри услови за живот во нашата земја. Сега овие луѓе кои плаќаат кредити, ја планираат својата иднина и иднината на своите деца, ќе бидат оставени без приходи во време на инфлација и економска криза.“- истакнува АСОМ.
Во писмото Асоцијацијата посочува дека новите предлог- измени ќе предизвикаат непоправливи економски штети за целата држава бидејќи ќе придонесат за затворање на една важна индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од над 280 милиони евра. Се истакнува дека апсолутно се неприфатливи предлог измените кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на интернет за лиценцираните приредувачи, како и зголемување на давачките и надоместоците.
„Веруваме дека и самите вие сте свесни дека местото на овој закон не е во Комисијата за европски прашања и дека се прави сѐ овој неевропски закон насила да се избутка. Дека нашиот став е издржан и правилен укажува и фактот што вие како Комисија за европски прашања при Собранието на РСМ во заклучокот од одржаната седница по предлог текстот на законот му укажувате на Собранието посебно да го оцени аспектот за усогласеноста со ЕУ легислативата.“- потенцираат од АСОМ.
Од АСОМ посочуваат дека Собранието на РСМ нема преземено обврска за усогласување со препораките на ЕУ, па од таа причина означувањето на предлог текстот на законот со ЕУ знаменце е со целосна спротивност и со усвоените акти на Собранието за преземената обврската за усогласување со ЕУ легислативата.
„Ве повикуваме вас како Комисија за европски прашања да ги заштитите граѓаните на оваа земја и да го отфрлите овој закон кој е фатален, кој ја стимулира сивата економија и поттикнува криминални активности, што се покажа како пример во нашето соседство. Живееме во демократска земја во која на недемократски начин насилно се турка предлог законот кој е создаден без дебата и без консултација со претставниците на игри на среќа, далеку од очите на јавноста без да се земе во предвид мислењето на експертите и познавачите на индустријата. Немојте да бидете дел од овој заговор и немојте да поднесете одговорност за донесувањето на закон кој не е во корист на нашата земја.“- велат од АСОМ.
Во писмото Асоцијацијата предупредува дека овој закон веднаш штом ќе стапи на сила ќе донесе катастрофални последици за вработените во индустријата на игри на среќа, и ги повикува пратениците да не бидат заложници на нечии интереси, да реагираат на време и да ги заштитат граѓаните кои им ја доделиле сопствената доверба.
„Во повеќе наврати повторивме дека бараме итно повлекување на законот, формирање на заедничка работна група од експерти, претставници на индустријата и Владата за носење на нов европски и функционален закон, но наидовме на молк.“- истакнуваат од АСОМ.
АСОМ во писмото јасно посочува дека нивен интерес е самата индустрија да напредува, играчите и малолетниците да се заштитени и едуцирани, а легислативата да се европеизира.
„Апелираме до вас да имате слух за нашите барања и вашата одлука во врска со овој закон да ја донесете врз база на факти, раководејќи се од поривот да направите добро за граѓаните кои ги претставувате, а не да работите во корист на скриени владини интереси.“
Асоцијацијата во писмото потсети на нивниот предупредувачки собир пред Собранието преку кој покажува колку се сериозни во своите намери да се спречи носењето на штетниот предлог закон.