АСОМ пред Собранието: Претседателе, сега е на вашата совест да ги заштитите вработените во игрите на среќа

by Fokus

Денеска повторно во придружба на дел од своите вработени, Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) заедно со претставниците на АПИС одржаа јавен собир пред Собранието.

Поводот беше закажаното второ читање на Законот за игри на среќа на редовна пленарна седница, што е и последниот чекор до изгласување на измените на овој закон и практично ставање клуч на целата индустрија на игри на среќа.

Претседателот на АСОМ Васко Илијевски уште еднаш потенцираше дека секторот се наоѓа пред колапс и денес во Собранието, наместо дебата за десетици поважни проблеми, пратениците ќе гласаат за катастрофалниот Закон за игри на среќа.

„Повторно пратениците ќе бидат само алатка на оние кои имаат бизнис интерес да ја затворат легалната индустрија на игри на среќа… Законот не решава ниеден проблем поврзан со игрите на среќа, напротив ќе донесе сива економија, играње на црно, играње на странски платформи и огромни загуби за државата. Загуби за државата, но добивка и профит на малкумина во чиј интерес ова се прави“, рече Илијевски.

Тој директно се обрати и до претседателот Пендаровски, кој претходно изјави дека нема да го потпишете Законот за игри на среќа, кој се носи злоупотребувајќи го европското знаменце, а за кој е јасно дека не постои јасна европска директива.

„Ова значи дека после денешниот ден, доколку овој штетен закон се изгласа, сите наши напори ќе влезат во историјата, а сите овие луѓе кои ги гледате зад мене, но и многу повеќе од нив, ќе останат без работа. Затоа сега вие сте на потег“, му порача Илијевски на Пендаровски.

Како пример дека ќе се отвори слободен пат за илегалното обложување, Илијевски ја посочи Албанија која првично го забрани спортското обложување, а потоа беше сведок на огромен број апсења поради дивите обложувања, за на крај, поучена од ваквото негативно искуство, албанската власт повторно го легализира спортското обложување.

Илијевски нагласи дека овој закон нема да ги заштити малолетниците од ризиците на игрите на среќа, туку напротив, ќе ги лиши само страсните фудбалски навивачи од својот тикет за 50 денари, пензионерите од своето место за социјализација и илјадници семејства од основен приход.

Поврзани новости