Асоцијацијата за спортски обложувалници (АСОМ), денеска во присуство на дел од вработените во обложувалниците пред Собранието на Република Северна Македонија одржа предупредувачки собир бидејќи спорниот Закон за игри на среќа повторно и без најава се обидува да се стави на гласање на гласање пред пратениците.
На собирот присуствуваа и дел од вработените од објектите за игри на среќа на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), со цел да упатат заедничка порака дека Владата продолжува насила да го носи законот, иако во изминатите месеци во медиумите се пишуваше за скандали поврзани со овој закон и сомнежи за политички влијанија и бизнис интереси.
Во своето обраќање пред медиумите, претседателот на АСОМ Васко Илијевски, потенцираше дека ставањето на законот на дневен ред е токму во момент кога свое обраќање во Собранието треба да има Претседателот Стево Пендаровски, иако тој, „исто како и претставниците на ЕУ, вработените во секторот, здраворазмните јавни личности и експерти кои ги согледуваат негативните последици од овој закон – се спротивстави на неговото носење.“
Илијевски рече и дека она што го прави власта е целосно спротивно на здравиот разум.
„Додека Владата се обидува да наметне рестриктивен и нелогичен закон за лиценцираните приредувачи, тајно и на мала врата самата отвора нови бизниси и онлјан платформи со странски партнери, за кои пристигнаа информации во медиумите дека компании од соседна Бугарија се заортачиле со Владата. Кога ќе се поврзат сите овие случувања, повеќе од јасно е дека овој закон не е ништо друго туку обид да преземе пазарот на игри на среќа и целосно да биде контролиран од малкумина“, рече Претседателот на АСОМ.
Тој ги повтори пораките и дека доколку биде донесен овој неевропски, неуставен и монополски закон, повеќе од 10.000 вработени ќе бидат директно засегнати за своите работни места, со што ќе се предизвика затворање на легална индустрија, а пак ќе се отвори широка врата на сивата економија и криминалот, како што се случи во државите од регионот кои се одлучија за рестриктивни закони. „Нашите вработени ќе бидат најголемата опозиција на следните избори доколку се продолжи со ова политичко насилство“, потенцираше Илијевски.
Истата порака ја упати и претставникот на АПИС, Горан Стоименов, кој во својата изјава пред медиумите го посочи примерот со Албанија, каде сличниот ваков закон беше укинат.
„Не случајно во Албанија, тамошната Влада се откажа од четиригодишната забрана за игри на среќа заради отворање на диви играчници и удар врз нивната економија. Нема држава во која се спровеле радикални чекори за затворање на легалните објекти за игри на среќа кои по автоматизам не предизвикале отворање игри на црно“, рече Стоименов.
Пред Собранието, претседателот на АСОМ Васко Илијевски потсети и дека овој предлог закон е направен со низа небулози спротивни на пазарната логика, без соодветна анализа, истражување и користење на факти и аргументи, а пак Владата и институциите во ниту еден момент не ги консултирале легитимните претставници на 95% од лиценцираните компании во државата.
„Владата тенденциозно одбегнува дебата преку злоупотреба на европското знаменце, а извештајот на ЕУ кој го доби државата неодамна точно нотира дека се злоупотребува европското знаменце“, порача Илијевски.
На крајот од своето обраќање, а во придружба на голем дел од своите вработени, Илијевски упати порака и до граѓаните, потенцирајќи дека е во интерес на АСОМ самата индустрија да напредува, играчите, малолетниците да се едуцирани и заштитени, а легислативата да се европеизира.
„Ние како компании работиме одговорно и чесно, вработуваме ваши пријатели, роднини и блиски. Одговорно тврдиме дека ова што Владата го прави е спротивно на тоа да ги регулира игрите на среќа“, рече тој, додавајќи дека овој пат од Асоцијацијата нема да молат, туку директно ќе се заканат со масовен отпор и протести со какви што не се соочила Владата досега.
„Денешниот собир е симболичен приказ за нашиот став во однос на предлог Законот за игри на среќа, доколку нашите апели не се слушнат подготвени сме на масовни протести и сериозна борба со цел да го спречиме донесувањето на овој закон“, заклучи Илијевски.