Дел од обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок, кои, како што самите велат, се членови на ВМРО-ДПМНЕ, испратија проглас до јавноста преку кој испратија неколку апели до матичната партија и до јавноста. На овој начин, тие бараат да се поддржат уставните амандмани со цел членство во ЕУ и НАТО, а го обвинуваат раководството на ДПМНЕ за предавство. Во продолжение, го пренесуваме нивниот проглас во целост:
Во овие исклучително емотивни и сложени моменти за напатениот македонски народ, должни сме да не ја премолчиме бурата која ја прелетува јавноста по гласањето во Собранието. Имено, ние, како обвинети во случајот за 27 април и како докажани патриоти и бранители на ова парче македонска земја, должни сме овие случувања да не ги премолчиме.
Прво, поради фактот што директно сме споменувани во периодов кој помина, а и ќе бидеме во периодот кој следува деновиве.
Второ, напоменуваме дека во овие времиња македонскиот народ мора да го води исклучиво здравиот разум.
Трето, бидејќи речиси сите тука сме членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, исто така чувствуваме потреба да ги коментираме постапките на партијата, со надеж дека нема да бидеме исклучени од истата.
Затоа испраќаме до јавноста, а поготово до членството на ВМРО неколку апели. Браќа и сестри Македонци, нашиот проглас е следен:
- Поддршка по секоја цена да бидат прифатени уставните амандмани поставени како услов од 8те пратеници на опозицијата кои гласаа со ЗА.
- Нема отстапка-да се гарантира МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ!
- ВМРО-ДПМНЕ да остане обединето и прогресивно бидејќи силата е во широчината на фронтот. Колку повеќе сме, толку нескршливи сме.
- Го повикуваме ИК на ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита одлуката на Претседателот Мицкоски за исклучување од партијата на пратениците.
- Под итно да престанат нападите на пратениците затоа што тие се наши браќа по крв и род. Со нив ги делевме ладните и мрачни ќелии во затворот Шутка- не заборавајте го тоа.
- Од наш субјективен видик, тие се браќата со кои сеуште ја делиме и судницата, маката и понижувањето.
- Да ве потсетиме дека лажната надеж е најтежок удар врз човековата психа. Изминативе месеци од Мицкоски ни беше ветена гаранција со имотот на партијата- тоа не бидна!
- Беше ветен предлог-закон за амнестија- не бидна!
- Јасно ја поддржуваме евроатланската иднина на Македонија бидејќи сонот и борбата на нашите предци беше интегрирана и прогресивна Македонија. Да го продолжиме нивниот пат!
- Не сме за никакви политички сојузи со источниот блок, но ги почитуваме верските, културни и јазични врски со одредени источни држави.
- Бараме итен влез на Македонија во НАТО, за да имаме безбеден територијален интегритет, а не заборавајте дека за оваа територија умираа комитите, партизаните, бранителите.
- Бараме раководството на партијата да се издигне над своите интереси и да застане на чело на НАЦИОНАЛНОТО ЕДИНСТВО, бидејќи тоа се зборови кои се состојат во името на партијата.
- Сметаме дека омразата и поделбите ќе донесат нови омрази и нови поделби. Да не им оставиме во наследство на идните генерации омраза и поделба!
- Недвосмислено подаваме рака и го поддржуваме процесот на НАЦИОНАЛНО ОБЕДИНУВАЊЕ !Простуваме, за да ни простат. Тоа е во духот на Христијанството.
- Повикуваме и на подавање рака на пријателство со Албанците во Македонија и ајде конечно да го направиме тој храбар чекор и да се издигнеме над сопствените индивидуи.
- ВМРО е живо. Во овие моменти повикуваме на разум, смиреност и свест. Повикуваме на обединување. Немојте дечињата на пратениците кои гласале да бидат под страв. Тоа се македонски дечиња, тие се наши деца! Немојте тие луѓе кои се ваши и наши пратеници да ги омаловажувате. Затоа што силата за обединување и менаџирање беше кај Христијан Мицкоски.
Лути сме и гневни Христијане за предавството од тебе и да знаете дека секој директен или индиректен напад врз било кој од 49-те наши пратеници ќе го сметаме и за напад врз нас! Спремни со жив штит да го браниме секој наш брат во овие историски моменти!
За крај, нашата генерација е спремна да прости и да побара прошка од секого. Нека ние бидеме последните притвореници и оваа една година помината во мрачните ќелии нека е последната капка раскол во општеството и завршен чин пред НАЦИОНАЛНОТО ПОМИРУВАЊЕ во најава!
Да живее Македонија!