Обложувалниците против законските измени: Скоро 8 илјади луѓе ќе останат без работа, а државата ќе загуби 250 милиони евра годишно!

by Фокус

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија предупредува дека со предлог измените на Закон за игрите на среќа и забавните игри, кои предвидуваат отворање на казина и обложувалници само на одалеченост од 3 километри од населено место, 7.700 луѓе преку ноќ остануваат без работа.

„Дали се подготвени да избришат една цела стопанска гранка која дава значаен придонес во државниот буџет и директно вработува 7.700 луѓе кои индиректно подржуваат 54.000 работни места во други стопански гранки? Дали се подготвени да ризикуваат да избришат една целосно регулирана индустрија и да создадат услови за нелегално обложување и сива економија? Освен за обложувалниците, ова ќе значи и огромна загуба за државата која притоа ќе ги загуби и 253 милиони евра, кои по основ на давачки и даноци секоја година се слеваат во државната каса“, соопштија од АСОМ.

- Advertisements -

Откако предлог законот се најде на собраниска седница, од таму предупредуваат дека законот се носи без соодветни претходни анализи на состојбата, социјални и финансиски импликации кои би ги предизвикале.

„За своето работење спортските обложувалници плаќааат лиценци кон државата кои им гарантираат услови за работа во периодот за којшто е издадена таа лиценца. На основ на издадената лиценца, приредувачите на игри на среќа во обложувалница ги прават своите проекции за инвестирање, нови вработувања и развој. Условите кои ги наметнува новиот закон значат прекин на правата кои ги регулира лиценцата. Како државата ќе ги обештети и надомести средствата дадени за лиценца и инвестиции по секое уплатно место?“, прашуваат од таму.

Поврзани новости