Обвинувањата на Петре Шилегов дека семејството на претседателот Ѓорге Иванов се поврзани со компанија од Панама се лаги и манипулации, реагираат од претседателскиот кабинет.
„СДСМ веднаш да го објави секој трансфер на пари преку споменатата фирма и да ги соопшти сите кои биле вклучени во било што на фирмата, која патем е основана во Скопје и никогаш не проработела или во спротивно Шилегов ќе мора своите тврдења да ги докаже на суд. Фирмата „Делфино травел Балканс“ e основана во 2009 година во Скопје со сметка во ТТК Банка во Скопје и е избришана од Централен регистер во 2015 година, согласно Законот за трговски друштва“, стои во реакцијата од претседателската вила на Водно.
Претходно, Шилегов обвини дека братот на сопругата на Иванов, Маја Иванова, има бизнис релации со фирмата „Лип Корп Панама Сити“ од Панама.
– „Лип Корп Панама“ е основач и сопственик на фирмата „Делфино Травел Балканс“. Сашо Тоневски, братот на Иванова, е исто така еден од сопствениците и управител на оваа фирма, која пред само неколку дена, или во време кога почна да се шири скандалот со перењето пари во панамски фирми, згаснува и ја бришат од Централен регистар – изјави Шилегов.