АРХИВА: Како беше лустриран кичевскиот судија Билески по налог на „моќникот“ од ВМРО-ДПМНЕ?

by Фокус

Текстот е објавен на 24.04.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1020

Специјалното јавно обвинителство вчера обелодени дека отвора истрага под кодно име „Моќник“ против неколку лица, меѓу кои и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски. Според СЈО, тој ја злоупотребил службената положба за незаконско присвојување на имот во Македонски Брод, каде била сместена и администрацијата на соседната општина Пласница на чело со градоначалникот Исмаил Јахоски. Поради тоа што Јахоски реагирал против продажбата на објектот, според СЈО, Милошски му праќал инспекции во неговата компанија Пуцко Петрол, но и нарачал лустрација на кичевскиот судија Драги Билески, сметајќи дека тој го штити градоначалникот на Пласница. Своевремено, Фокус пишуваше за контроверзите и пропустите околу оваа лустрација, која се базира на документ од кои впрочем се откажал и самиот автор.

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Една од низата „бомби“ што ги активираше опозицијата, целосно го урниса и онака нарушениот кредибилитет на процесот на лустрација, кој се употребува за пресметка со политичките неистомисленици и противници, наместо за прочистување на кодошкото минато, особено преку елиминација на луѓето кои до денес држат високи јавни функции, главно заработени со соработка со службите. Во таа насока, се редеа низа спорни лустрации на луѓе од различни сфери од општествениот живот, кои никогаш ниту прифатиле да бидат соработници на тајните служби, без оглед дали тоа било за паричен надоместок или за напредок во кариерата. Но, сепак, не спасија жива глава од лустрацискиот сатар.

Објавувањето на прислушуваните разговори меѓу високи функционери на власта покажаа дека, според лидерот на СДСМ Зоран Заев, ексминистерот за надворешни работи и актуелен пратеник Антонијо Милошоски му предочува на првиот лустратор Томе Аџиев да посвети внимание на барањето за лустрација на кичевскиот судија Драги Билески, иако лустраторите постојано ламентираат дека се независни и работат исклучиво врз основа на закон, а Аџиев знаел и да пламне кога ќе го обвинеле дека спроведува наредби „од горе“. Како што веќе пишуваше „Фокус“, не е докрај јасна причината за оваа лустрација, бидејќи кичевскиот судија не донел ниту една негативна пресуда против Милошоски и неговото семејство, кое имало имотно-правни спорови, но и бизнис-интереси во кичевското здружение на возачи. Аџиев, пак, е дел од битолското здружение на возачи.

Оттука, може само да се нагаѓа дали причините за лустрација на Билески се одмазда, политичка пресметка, педагошка лекција за другите. Неговиот син, кој работи како адвокат во Скопје, бил застапник на избрканите луѓе од кичевското здружение на возачи, кои повеле спор токму против таткото на Милошоски како секретар, Милош Милошоски, меѓутоа тоа била одамна и ниту семејството не верува дека тоа е причината за лустрација. Во прилог на другите тези оди тоа што веќе лустрираниот и пензиониран судија, сепак, важел за човек со авторитет, врз кој не можело лесно да се влијае, плус бил поблизок до левицата. На крајот на краиштата, неговиот случај може да биде пример за другите судии како може да завршат доколку не слушаат.

Настрана сето тоа, неговата лустрација изобилува со многу пропусти, кои покажуваат дека постоел силен порив да се лустрира судија од втор обид, само половина година пред пензионирање. А, тоа, пак, ги разголува сите слабости на овој процес воден од комисијата, претворена во маша против „непријателите“. Од друга страна, пак, сѐ погласни се шпекулациите дека за многумина јавни функционери во сите сфери на власта, и Македонци и Албанци, има соработнички досиеја, но тие се чуваат во фиока, со што така се обезбедува нивната верност и послушност.

ДАВАЛ ИНФОРМАЦИИ ЗА НАЦИОНАЛИСТИЧКА ГРУПА

Што се однесува до лустрацијата на Билески, во решението на лустраторите стои дека тој им давал информации на службите и им укажувал одредени сознанија на одредени лица кои биле интересни за Службата за државна безбедност, а кои претходно биле земени во оперативна обработка. Популарно наречената Лустрациска комисија го носи ова решение врз основа на неколку документи. Едниот од нив, впрочем, е службена белешка за извесен Живко Туфекџиоски, кој, според објавениот разговор меѓу Милошоски и Аџиев, ја покренал иницијативата за лустрација на Билески, кога всушност тој е лустриран.

Имено, ова досие е формирано во далечната 1968 година поради дејствување на Туфекџиоски на линија на македонски национализам и шовинизам. Според досието, тој бил опфатен во младонационалистичка група, чија цел била да се бори за обединување на трите дела на Македонија и формирање самостојна држава надвор од рамките на социјалистичка федеративна Југославија. Тој, меѓу другото, работел на регрутирање нови членови во групата и прибирање оружје, но и во самото досие се наведува дека никакви конкретни акции не биле преземени.

Дури во 1972 година се забележани повторни контакти меѓу членовите на групата од страна на службите. Во службена белешка изготвена од оперативниот работник Перо Крцоски во истата година, токму кога биле обновени контактите меѓу припадниците на групата, оперативниот работник пишува дека во два наврати се состанал со Билески, тогаш студент на скопскиот Правен факултет, кој во разговорите сам изразил желба да соработува со службите, односно да сподели сознанија за споменатата националистичка група, пред сѐ, за Туфекџиоски. Според Билески, како што пишува Крцоски, Туфекџиески бил занесен по политика и склон да критикува сѐ во општеството.

Друга службена белешка од 1975 година, пак, изработена од, исто така, Крцоски, открива дека изворот Билески од мајката на неговата сопруга разбрал оти едно лице му испратило на друго лице пари за поправка на црква во Кичевско, во која две години претходно била откриена икона – слика од бугарски владика. Според оваа документација, претходно Билески давал информации за Албанците од Кичево, но се правеле напори да се зближи и со македонските националисти. Во документацијата стои и оти овој извор се користи привремено, само додека престојувал на студии во Скопје.

ВО НЕДОСТИГ ОД ОРИГИНАЛИТЕ, СЕ ЦЕНЗУРИРААТ ФОТОКОПИИТЕ

Инаку, врз основа на овие белешки, Лустрациската комисија носи решение дека Билески соработувал со тајните служби од идеолошки причини и патем поради тоа напредувал во службата. Веднаш потоа, Комисијата бара од Републичкиот судски совет да му изрече привремена мерка за вршење на функцијата, што и се случува. Откако го загубил и спорот пред Управниот суд, каде што секое лустрирано лице може да ја оспори одлуката на лустраторите како повисока инстанца, тој се збогувал од работата, и тоа само 6 месеци пред да исполни услов за старосна пензија, што го покренува прашањето зошто толку на власта ѝ се брзало да го лустрира овој кичевски судија?

Да биде уште почудно и посомнително, лустраторите во 2012 година прво носат решение со кое ја верификуваат изјавата на Билески дека го исполнува дополнителниот услов за извршување јавна функција – не ги прекршил или ограничил правата и слободи на други лица преку соработка со службите. Арно ама, нешто подоцна истата година, лустраторите носат ново решение, врз основа на барање на трето лице (Туфекџиоски) за покренување постапка за утврдување факти. Пред да го стори тоа, Комисијата утврдила нови факти и докази, кои се наоѓаат во објавените документи.

Во обид да ја испере дамката дека бил соработник со службите, Билески официјално се обратил до Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, со прашање дали е регистриран како соработник во рамки на УБК-Скопје, како што се наведува во документацијата врз основа на која е лустриран. Од таму тој добива писмено известување дека воопшто не е евидентиран во документацијата на УБК и дека објавените документи од страна на лустраторите не потекнуваат од архивата на УБК.

Оттука, Билески од лустраторите ги побарал оригиналните документи врз основа на кои е лустриран, но добил само фотокопии, со образложение оти оригиналите се во Државниот архив, од каде што им ги доставиле на лустраторите на увид во времето кога ја носеле одлуката, по што биле вратени назад. Згора на сѐ, привлекува внимание фактот што на копијата што семејството Билески ја добило недостига своерачно напишаната забелешка во белешката објавена од лустраторите на нивниот сајт, веројатно од надредениот службеник што ја примил белешката од оперативецот. Единствената рачно напишана цензурирана забелешка гласи: „Голем наслов без содржина“, што укажува дека дури и да била навистина стокмена, содржината е празна и не соодветствува со силниот наслов.

ЕДНО ВЕЛИ СУДОТ, ДРУГО ОПЕРАТИВНИОТ РАБОТНИК

Поради сето тоа, Билески поднел тужба против решението на лустраторите до Управниот суд, бидејќи, навел тој во тужбата, фактичката состојба не била правилно утврдена и затоа бил изведен неправилен заклучок. Сепак, Управниот суд одлучил дека лустраторите правилно постапиле кога донеле решение по барање на трето лице за повторување на постапката поради тоа што се појавиле нови докази. Ист епилог добила и неговата жалба до Вишиот управен суд, и покрај тоа што, како што тврдат од семејството Билески, судот одлучувал врз основа на фотокопии кои може и да се фалсификувани, а не врз база на оригинални документи?!

Комисијата од увидот во документите утврдила дека тие упатуваат на соработка на тужителот со органите на државната безбедност при оперативно прибирање на информации што биле предмет на обработка, на начин што на органите им давал информации и укажувал на одредени сознанија за одредени лица кои биле интересни за СДБ, а кои биле земени во претходна оперативна обработка. Комисијата утврдила дека тој бил оперативна врска, таен соработник – информатор, за следење на активностите и коментарите на безбедносно интересни лица. Истиот свесно, тајно, организирано и континуирано преземал активности и соработувал со органите на државната безбедност“, наведува во образложението Управниот суд.

Ваквите наводи на судот, за кој од објавените прислушувани разговори меѓу властодршците, се целосно поклопени од страна на извршната власт, која инфилтрира партиски подобни судии, е во контрадикција со изјавата на оперативниот работник, кој фигурира како автор на полициските белешки врз основа на кои е лустриран Билески. Станува збор за веќе споменатиот Крцоски од Охрид, кој неодамна пред да почине ја дал следнава изјава заверена на нотар:

Службените белешки во кои како извор се јавува Драги Билески се без негово знаење и се темелат на мое лично видување од неврзан разговор кој не е воден по барање на изворот, а уште помалку во својство на таен соработник, информатор или доушник на службите. Не бил соработник ниту пак е регистриран од страна на службите, што е предуслов да има својство на таен соработник или информатор. Наводите од белешките не се веродостојни…“.

НОВ ЗАКОН ЗА НОВА ЛУСТРАЦИЈА

Оваа лустрација е извршена според новиот Закон за лустрација, поточно за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, донесен во 2012 година, кој целосно го замени законското решение од 2008 година, при што има неколку клучни новитети. Освен обврската лустрираните лица да бидат јавно објавени, или поинаку речено – изведени на ѕидот на срамот, другите се однесуваат на опсегот и на опфатот на лустрацијата.

Прво, лустрацијата беше определена да важи од 1994 година до донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година, токму во годината кога ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски доаѓа на власт, што значи дека соработниците во овој речиси десетгодишен период се амнестирани. Второ, како извори на информации, освен државните органи –Управата за безбедност и контраразузнавање, Военото разузнавање, Агенцијата за разузнавање и Државниот архив, иницијативи за лустрација може да поднесуваат и трети лица, па дури е вметната и обврска сите физички и правни лица што поседуваат оригинални документи за лица што соработувале со службите, да ги достават до Комисијата.

Понатаму, исто толку битна промена што ја донесе новиот закон е самата дефиниција на соработничкиот однос, врз кој се врши лустрацијата. Доколку стариот закон предвидува потесна дефиниција, според која соработката со службите претставува „тајна, свесна, континуирана и организирана соработка и активност, заснована со писмен документ со органите на државната безбедност“, новиот закон пропишува поширока дефиниција, која овозможи лустрација на лица кои никогаш формално не ја завериле нивната соработка со службите, бидејќи на комисијата ѝ се дадоа овластувања да лустрира лице евидентирано во досиејата на органите за државна безбедност како „таен соработник, оперативна врска или таен информатор при оперативно прибирање известување и податоци што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државна безбедност…“.

На тој начин, се овозможија услови за лустрирање на поголем број луѓе, кои само се споменуваат со нечија полициска белешка, честопати без да бидат свесни дека некој нивен разговор ќе влезе во полициска евиденција, верно или зачинето со дополнителни детали согласно имагинацијата на авторите. Новиот закон прави основа да биде лустриран и Билески како информатор, кој не потпишал соработка, но спорни се тие нови докази што излегле, а претходно не биле земени предвид. Врв на сѐ би било доколку белешките се груб фалсификат, без разлика кој е нарачателот, а кој е спроведувачот на сценариото.

 

Драги Билески, лустриран судија
АЏИЕВ ТРЕБА ДА ДОБИЕ НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА ЛУСТРИРАЊЕ НЕВИНИ ЛУЃЕ!

ФОКУС: Како ја толкувате вашата лустрација на само 6 месеци пред пензионирање, и тоа во втор обид, откако го поминавте првиот филтер дека го исполнувате дополнителниот услов за да извршувате јавна функција?

БИЛЕСКИ: Ни мене не ми е јасно, бидејќи нема ниту основна причина јас да бидам лустриран. За жал, истиот претседател на лустрациската комисија, Томе Аџиев, се јавувал и во судски совет зошто не е постапено во првото решение на комисијата. Неговата одлука е закон, џабе жалба до судот, туку како Аџиев одлучил така, без оглед што тоа го направил врз основа на бела хартија. Овој човек треба да добие Нобелова награда за лустрација на невини луѓе.

ФОКУС: Кој е вашиот коментар кон содржината од објавените белешки врз основа на кои сте лустрирани, односно дали тие се веродостојни и автентични? Ги познавате ли луѓето што се споменуваат со нив, меѓу кои и Туфекџиоски?

Билески: Тие службени белешки не се мои, мој потпис нема, никој не ме прашал кога ги правел… Луѓето што се споменуваат во нив ниту ги знам, ниту ги познавам. Туфекџиоски ми е генерација, но со него во живот не сум седнал на муабет, ниту за време на гимназија, ниту потоа. За да давам информации за некој, јас со него морам претходно да разговарам. Ниту со еден од другите споменати луѓе од белешката не сум се дружел. Го познавав човекот кој наводно ја напишал белешката Крцоски, иако нема негов потпис на нив, но тој даде изјава заверена на нотар во која вели дека содржината на белешките нема врска со мене.

ФОКУС: Зошто мислите дека Комисијата го цензурирала овој дел од белешката при вашата проверка на документацијата и зошто сметате дека не ви биле дадени на увид оригиналните документи?

БИЛЕСКИ: За да скријат дека станува збор за обична игра, за исполнување нечија желба, а се знаеше кој е нарачателот. Оригинални документи едноставно не постојат, а фотокопиите најверојатно се фалсификат! Како може да сум информирал дека некојси печалбар што заминал во Америка пратил пари за црква, а не сум знаел колку пари пратил? Тој човек после сѐ информирал дека во последните 10 години не дошол во Македонија, па од каде ја нашле оваа службена белешка? Не ми е јасно како и Управниот суд пресуди врз основа на фотокопии, кога законот вели дека тоа мора да го прави врз основа на оригинални документи.

 

Дилемата остана
ВО УБК ГИ НЕМА, НО ДАЛИ АРХИВОТ ПОСТОЈАТ ОРИГИНАЛИТЕ ОД ДОСИЕТО НА БИЛЕСКИ?

Ако се знае дека Билески е лустриран од втор обид, по иницијатива на трето лице, откако, нели, се појавиле нови докази, се претпоставува дека иницијаторот ги доставил тие нови докази, бидејќи во спротивно она што дотогаш постоело како документација во државните органи за кичевскиот судија не било доволно за лустрација.

Се разбира, и ова треба да се земе со резерва бидејќи тој може да биде и лустриран врз старите документи, ама врз основа на новиот закон, кој дозволува лустрација и врз база на послаби факти.

За да нема дилеми, во Државниот архив прашавме дали оригиналните службени белешки за Билески постојат, како што тврдат лустраторите, како и кога е архивирано ова досие, но од таму не добивме одговор до затворањето на весникот.

Како што велат од семејството Билески, лустраторите воопшто не им ја дале писмено поднесената иницијатива од Туфекџиоски, а кога се обиделе да стапат во контакт со него, тој ги одбегнувал.

Поврзани новости