Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој се бори против екстрадиција од Велика Британија во САД, денеска поднел жалба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), потврдија од овој суд.
Асанж (51) е баран од американските власти по 18 обвиненија, вклучително и шпионажа, откако Викиликс објави голем број доверливи американски дипломатски и воени документи, за кои Вашингтон вели дека довеле во опаност многу животи.
Британија даде зелено светло за негова екстрадиција, но Асанж поднесе жалба до Врховниот суд во Лондон, кој ќе го сослуша на почетокот на следната година. Неговиот правен тим, исто така, поведе случај против Велика Британија пред ЕСЧП, што може да предизвика блокада на екстрадиција.
„Потврдуваме дека пријавата е пристигната”, соопшти лондонскиот суд.
Против 51-годишниот Австралиец во САД е поднесена тужба заради објавување на повеќе од 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан. Доколку биде осуден, се соочува со затворска казна од 175 години.
Шведските власти поднесоа налог за апсење на Асанж во 2010 по обвиненија за силување и сексуално малтретирање. Подоцна тој беше уапсен во Велика Британија, каде што се наоѓал во тој момент, и чекал пресуда за барање за екстрадиција во Шведска. Две години подоцна побарал азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што остана во наредните седум години. Во 2019 година Шведска ги повлече обвинувањата против него. Во 2019 година Еквадор од Асанж побара да ја напушти амбасадата, по што беше уапсен од британската полиција и моментално се наоѓа во затвор со висок степен на обезбедување во близина на Лондон, во очекување на судскиот одговор на жалбата против одлуката на британската влада да го екстрадира во САД.