Арсовски: Тим на ВМРО-ДПМНЕ го анализира носењето на законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители

by Fokus

Експертски тим на ВМРО-ДПМНЕ ја анализира ситуацијата со носењето на законите за јавно обвинителство и за Советот за јавни обвинители по што ќе излезе со конкретна информација за нивното неделовничко носење, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден по гласањето во Собранието реагираше за носењето на законите конкретно и поточно за советот за јавни обвинители. Во тој дел нашите правни експерти, правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ разгледува секакви можности, ја анализира ситуацијата и веднаш потоа ќе излезе со конкретен податок, односно со претставка која што ќе биде поднесена до надлежните институции за носењето на овој закон односно за неделовничкото носење на овој закон така што, веднаш штом излезат со својата анализа ќе се поднесат и претставки до соодветните институции, изјави Арсовски.

-Доколку е правнички издржано ќе се поднесе претставка и до Уставниот суд, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа портпаролот на опозициската партија, води конструктивни разговори со повеќе политички партии, но во однос на какви било коалиции најдобро е да се почека што следи во наредниот период.

-Има конструктивни и пријателски разговори со сите политички партии и секоја политичка партија која што е на иста бранова должина со ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја поддржи програмата и визијата на ВМРО-ДПМНЕ за обнова на Македонија има простор да се разговара за коалиции, рече Арсовски.

На кандидатските листи ќе се најдат многу нови луѓе и во помал број веќе искусни луѓе. Не сакаше да соопшти имиња, но потенцира дека станува збор за луѓе со интегритет, кредибилитет и професионалност во својата област која што ќе ја застапуваат во Собранието и надвор од него.

-Тоа ќе бидат на некој начин луѓе кои не се да речеме премачкани со каков било криминал, како што тоа е случај во СДСМ, рече Арсовски.

Во однос на неназначувањето предлог за дополнителен министер за труд и социјална политика, тој рече дека бесполезно ќе било предлагањето на кој било друг министер затоа што повторно ќе се случело истото што и се случувало на министерката Рашела Мизрахи.

-Интенциите беа на кој било начин да се оневозможи работата на техничките министри и тоа продолжи до самото разрешување на министерката Рашела Мизрахи. Зоран Заев и Оливер Спасовски доколку сакаат да разрешуваат во однос на законите, доколку беа етички и морално, како што велат внесени во целата ситуација најпрвин ќе поднесеа барање за разрешување на сите околу нив. Конкретно Оливер Спасовски ќе требаше самиот да си поднесе барање за разрешување затоа што него го следат десетици сериозни скандали во министерството за внатрешни работи, истото и со Венко Филипче, истото и со многу други функционери од владата на СДСМ, рече Арсовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Поврзани новости