Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска обвини за непотизам во Велес, каде, според него, се вработувале роднини на функционери на СДСМ во локалните институции.
-Нововработен од пред Нова Година во пожарна во Велес е Ариан Џини, внук на директорката на центарот за социјална работа во Велес. Нормално, кадар којшто е близок до власта. Второ ново вработување во пожарната служба е Милан Прличков, сопруг на Пандорка Прличкова, советник во општина Велес од СДСМ. Чудно е како сопругот на советничката од СДСМ се вработил токму во претпријатие кое е под советот на општината. Трето вработување од пред неколку недели е синот на советникот во општина Велес Менсур Бачевац, кој исто така е примен во пожарната служба. Значи двајца советници си ги зближиле своите најблиски. Четврт и многу чуден случај – сестрата на претседателот на млади на СДСМ Велес, Вера Арсова Митреска, аплицирала за оглас за доктор во Општата болница во Велес каде што се барале 5 доктори. Сериозни сомнежи и индиции за изигрување на законот има бидејќи истата била 7-ма на рангирањето, односно се барале 5, и иако била 7-ма, далеку од првите 5, сепак била вработена од страна на болницата – рече Арсовски.
Тој ја повика Антикорупциската комисија да ги истражи сите овие нови случаи кои, како што вели, се шират насекаде во држава.