Арсовски открива непотизам во Штип: Вработени роднини на Шекеринска

by fokus

Нови вработувања, нови прераспределувања и нови унапредувања на блиски роднини и луѓе на функционерите од СДСМ на раководни позиции, обвинува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Свесни за падот на владата кој ги чека, функционерите на СДСМ побрзаа повторно да си ги згрижат и унапредат своите блиски. Како пример прв град ќе го земеме Штип. Штип сега станува град за пример на непотизам, каде што за да се вработиш или да добиеш раководна функција мора да си брат братучед или роднина на некој функционер. Штип стана дувло на непотизам каде што владеат 5 семејства со целиот град. Ајде да почнеме со ред. Најпрвин вработени и унапредени е прва братучетка и зетот на Шекеринска, сестра на директорот на затворот во Штип. Именувани на раководни позиции и ќерките на поранешниот пратеник Рамбабов. Мики Тодоров, поранешен втор човек во СДСМ Штип, инаку секретар на општинската организација е поставен за директор на затворот во Штип без соодветно образование и спротивно на закон и без ниту еден ден работно искуство. Не бележи некои успеси во работењето, дури имаше и бунт во затворот од страна на затворениците, но бележи успеси во вработувањето своите роднини, вели тој.

Арсовски потенцира дека истиот Мики Тодоров си ја вработил сестра му како библиотекарка во ООУ „Тошо Арсов“.

-Втор пример, ќерката на екс пратеникот од СДСМ, Рамбабов, Емилија Рамбабова е назначена за нова директорка на медицинското училиште во Штип, додека пак сестра и на Емилија, односно втората ќерка на поранешниот пратеник Рамбабов е назначена за нова директорка на Клиниката за нефрологија во државната болница во Скопје. Трет пример, нормално покуса не останала ниту Радмила Шекеринска, каде што имаме пример нејзината прва братучетка Дијана Шишкова е именувана за началник на инфективно одделение во Клиничка Болница Штип, а нејзиниот сопруг, односно зетот на Шекеринска е назначен за раководител на одделението за ортопедија. Ова се само дел од примерите на непотизам каде што СДСМ јасно покажуваат со ова дека се уплашени од претстојните избори. Свесни дека ќе паднат од власт, ја окупираат државната и јавната администрација со нивни блиски роднини, вршејќи непотизам од највисоки размери. Оваа епидемија на непотизам која со тек на време, изминатата година прерасна во чума низ целата држава мора да прекине. Се ближи 12-ти април, и веднаш потоа почнува обновата на Македонија. Одговорност за се, мора да има и ќе има, порача Арсовски.

Поврзани новости