Наум Стоилковски и Димче Арсовски, портпароли на ВМРО-ДПМНЕ денеска со изјави во јавноста бараат повеќе да не бидат предлози за членови на управни одбори на скопски јавни претпријатија, на чии предлог-листи се наоѓаат.
-Ја следам возбуденоста во СДСМ поврзана со моето име и сметам дека тоа повеќе се однесува на стравот дека од внатре на ЈСП ќе го видам и јавно ќе го објавам сиот криминал со компанијата и секако, за планот за БРТ. Иако го имам сиот потребен кредибилитет да бидам дел од УО на ЈСП, верувам во принципи, за разлика од партиските членови на СДСМ.
Нема трговија со принципи ниту со претпријатија. Тие принципи не постојат во СДСМ, затоа што на пример истата прашина како за мене (нас), очекувано би ја кренале и за портпаролот на Алтернатива којшто го поставија за директор на МЕПСО во време на најголема енергетска криза.
Во име на тие принципи и во име на таа разлика, донесов одлука да се заблагодарам за довербата и честа да бидам предложен за Член на УО на ЈСП и да побарам да бидам исклучен од листата. Истовремено, оставам аманет на оние коишто ќе бидат избрани, да не го премолчат криминалот, како и да поведат сметка за претпријатието- симбол на Скопје!, напиша Стоилковски на Фејсбук.
Истото, но преку партиско соопштение го кажа и Арсовски, кој с еоткажа од тоа да биде член на УО на „Водовод и канализација“-Скопје.
-Стравот и паниката на СДСМ од моето име дека ќе влезе во УО на ЈП Водовод, особено од оние кои што се најгласни по ова прашање, што јаделе и пиеле преку сметките на Град Скопје, за што дополнително ќе разговараме во иднина, е издржан и реален.
Да, предложен сум за член во УО на ЈП Водовод и сметам и сум сигурен дека имам доволно знаење, дигнитет, кредибилитет, чесност во мене и волја да учествувам во домаќинско менаџирање на оваа институција, но и да се заложам да се работи транспарентно и јавноста да знае што се работи, но и што се работело претходно, обелоденувајќи го целиот криминал.
Но, гледајќи ја целата оваа паника, страв и оцрнување на моето име на социјалните мрежи од партиските апаратчици и оние поддржувачи, а дел и креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО, од едноставна причина, што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство, но и ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откако се на функциите, се вели во писмената изјава на Арсовски.
Врз основа на предлог-одлуките кои ги добиле советниците во Град Скопје, а кои се однесуваат на именување на членови на управни и надзорни одбори на повеќе јвни претпријатија во Скопје, се и имињата на тројцата портпароли на опозициската партија: Стоилковски, Арсовски и Марија Митева.