Повеќе од два дена МВР и Јавното обвинителство молчат за инцидентот во Струмица и не излегуваат со детали, ниту со пријави, ниту пак со објаснување за целиот настан, реагира Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Вчера во медиумите се појави сведоштво на претепаниот јавно се огласи на социјалните мрежи, кој јасно и гласно посочи дека бил нападнат од обезбедувањето на Зоран Заев. Како што вели жртвата, не само што бил брутално претепан од обезбедувањето на Зоран Заев, туку и потоа следел обид за прегазување со автомобил. Скандалозно е исто така, она кое и вчера го говоревме, иако полицијата се наоѓа на стотина метри од местото на инцидентот, според сведоштвото на претепаниот, полицајците биле избркани од обезбедувањето на Заев и не им било дозволено да постапат – рече Арсовски.
Наместо полицијата да воведува ред и мир во државата, додава тој, се случува анархија на чело со луѓе блиски до Заев.
-Дали е повикан на разговор во МВР и ЈО обезбедувачот на Заев за кој посведочи и јавно го прозва претепаниот, бидејќи јасно потенцираше дека имало обид за убиство? Зошто Заев, МВР и ЈО молчат повеќе од два дена и се обидуваат да го заташкаат целиот случај? Дали ова брутално претепување е аминувано од Заев, бидејќи според сведоштвото на претепаниот неговото обезбедување го тепало? – праша Арсовски.