Иако министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов по средбата со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска изјави дека има целосна согласност од неа Министерството за култура да ја преземе Универзална сала, од Градот Скопје попладнево преку соопштение информираа дека околу ова прашање Градот ќе изјасни откако ќе добие официјално барање од министерството.
Градоначалничката на Скопје, Арсовска денеска не се појави пред новинарите да даде изјава по средбата со министерот за локална самоуправа, Пенов и министерката за култура Бисера Костановска – Стојчевска.
„Денес на заедничка средба во градот Скопје помеѓу градоначалничката Данела Арсовска, министерот за локална самоуправа г-дин Ристо Пенов и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, донесовме заеднички заклучок дека изградбата на Универзалната Сала во Скопје е од исклучителен интерес за скопјани, но и за цела Македонија.
Се договоривме дека во следните денови ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за истото ќе ни се обрати министерството со писмено барање за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање. Универзалната сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение кое истовремено ќе биде и безбедно“, стои во соопштението од Град Скопје.