Пред речиси два месеци советниците во Советот на Град Скопје не го поддржаа предлогот на градоначалничка Данела Арсовска за одобрување кредит од 10 милиони евра за набавка на педесетина еко автобуси, но таа денеска рече дека нема да отстапи од нешто што го ветила во програмата.
„Точката за набавка на еколошки автобуси ќе биде на дневен ред на секоја седница на Советот сè додека самите советници не ја изгласаат“ рече денеска Арсовска.
Таа вели – „граѓаните сметаат дека е потребно не само да се реформира јавниот превоз, туку и да добијат јавен превоз што ќе биде за нив достапен, пристапен, сигурен, безбеден, меѓутоа и еколошки. Постојат некои стандарди што е неопходно да ги исполниме, а тоа е едно од нештата што беа ветени и мора да се реализира“ – порача Арсовска одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на биотехнолошката лабораторија во средното училиште „Марија Кири-Склодовска“ во Скопје.
Кон крајот на јануари 2023 година градоначкалничката Арсовска не ја доби поддршката ни од советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ни од оние на СДСМ по однос на нејзиното барање да се обезбеди кредит од 10 милиони евра за набавка на еколошки автобуси.
Во предизборната кампања таа вети набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен автобуски превоз за скопјани, но од тоа засега нема ништо.