Изградба на пет нови мега-паркови во Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, по примерот на Градскиот парк, вети денеска независната кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Претставувајќи ја програмата за локалните избори таа рече деке новите паркови ќе бидат со урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки.
-Во рамки на програмата и реализацијата на овој проект за изградба на нови пет мега-паркови секоја година се обврзувам дека градот ќе засадува 100.000 нови садници. Немаме друга опција освен Скопје да стане вистински еколошки и одржлив град. Ако сакаме чист воздух, убава средина за живот и места за рекреација мора да вложиме во нив. Нема повеќе оправдувања и одложувања. Скопје мора да има брзи и сигурни решенија, изјави Арсовска.
Таа смета и дека постоечкиот Градски парк не е среден како што треба и оти заедно со недостатокот на други зелени површини е еден од главните проблеми на скопјани.
-Последниве години сме сведоци дека останавме без дрвја за сметка на бетонизацијата. Овие неколку години Скопје доживеа урбан хаос, се градеше на места без долгорочен план и стратегија за иднината. Зеленилото е потреба на секој модерен град, а ние во континуитет го губиме. Нема компромиси кога станува збор за здравјето на граѓаните, нема компромиси наместо зеленило да се градат згради кога Скопје е еден од најзагадените градови. Скопјани имаат само еден парк и тој не е среден како што треба, изјави Арсовска.