Откако денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска објави дека го разрешила директорот на Водовод, Златко Перински, тој одржа прес конференција за да ја каже својата страна на приказната.
Тој објаснуваше дека кон крајот на јули од градот Скопје му било побарано да се смени Комисијата која ја прави евалуацијата за избор на изведувач на пречистителната станица, како и членови на Комисиите за супервизија и за жалби.
-По обраќањето до Европската инвестициона банка добив мислење од нивна страна дека не е добро во оваа фаза, бидејќи евалуацијата е во тек да се менуваат членови на Комисијата затоа што тоа ќе значи првично одлагање на проектот што е многу симптоматично затоа што државата плаќа за неефектуирање на кредитите 0,5 посто пенали. Да не си играме со вакви паушални обвинувања затоа што сето ова може да го загрози проектот за кој што државата има добиено грант од 72 милиони евра, рече Перински.
Но, на пресот упадна Арсовска со обвинувања дека Перински го местел тендерот и не ја послушал наредбата дадена од Град Скопје.
-Со самото тоа што она кое што градот го побарал од аспект на тоа да обезбеди потранспарентна постапка не било спроведено односно било избегнувано да се спроведе, нашите сомнежи навистина се сериозни дека се обидувало да се влијае на самата постапка. Она што е важно за нас е дека во Македонија важат законите на Република Македонија, а не европските закони. Да има директиви, има договори кои што доследно се почитуваат, се знае доколку се прекрши таков еден договор што следи меѓутоа тука ние имаме македонска легислатива, рече Арсовска.