Јас сум најнапаѓана личност во Македонија. Сите напади врз мене и моите соработници се инспирирани од многу страв. Ако сме толку небитни, зошто тогаш нè напаѓаат? Но, ние имаме луѓе на кои што граѓаните можат да им веруваат. Како нова сила имаме моќ за да влијаеме и да го исполниме тоа што го ветуваме. Затоа ги повикувам сите граѓани да се приклучат, рече градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, на конвеција на партијата Нова алтернатива вечерва во хотелот „Континентал“ во Скопје, на која таа беше промовирана како нејзина нова претседателка.
Таа претстави дел од заложбите на Нова алтернатива, во судството, економијата, надворешната политика…
– Со непосредни избори во судството, граѓаните ќе може непосредно да го ценат нивниот интегритет и кредибилитет. На овој начин ќе имаме целосна независност. Да имаме луѓе кои ќе одлучуваат без притисоци.Во предизборието имаме ветување за справување со криминалот, а потоа си соработуваат за амнестирање од криминалот. Потребни се интервенции во Кривичниот законик, за да се спречи колективната пљачка. Постулат е и дигитализација на јавната администрација. Последниот постулат инкорпорира неколку идеи, за да се спречи процесот на иселување, заштита на македонскиот идентитет и членство во ЕУ – рече Арсовска.
За Преспанскиот договор оцени дека сериозно ја има оштетено Македонија, а внесувањето на Бугарите во Уставот според Арсовска е сериозно и траорно прашање.
– Сметам дека договорот кој е склучен и тоа што се бара од нас е навистина асиметрично – рече Арсовска.
Таа посочи дека партијата не е во коалиција со СДСМ, а гостин на конвенцијата беше генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. Иако најавуваше нова партија, таа ја презеде веќе постоечката Нова алтернатива, чиј претседател порано беше Ѓорѓи Оровчанец.