Арсовска: Советниците на ДПМНЕ ги интересираат само паушалите од 500 евра од седница

by Fokus

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска потенцираше дека единствено нешто за кое се заинтересирани советниците од ВМРО-ДПМНЕ е паушалот од 500 евра.
Таа посочи дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да ја оправдаат довербата на граѓаните, тие ја злоупотребуваат говорницата за популизам.

„Градоначалникот се обидува да ги реализира оние работи кои што ги ветил пред граѓаните, за разлика од вас кои што ќе дојдете тука, ќе си ја искористите оваа говорница за популистички политички говори, ќе отидете во бифе, ќе отседите два-три часа, ќе си го земете паушалот од 500 евра и ќе заминете дома. Така да почитувани советници, ако сакате да зборувате за оставки, депонирајте си ги вашите слободно, затоа што вие сте тие што кочите цела година да нема нови автобуси за граѓаните, и кочите сѐ што е од интерес за граѓаните да се реализира она кое што вие сте им го ветиле на последните локални избори“, вели Арсовска.

Таа смета дека одговорноста за проблемите со кои се соочува Град Скопје лежи единствено во Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која е власт и го има мнозинството во Градот, а ги блокира сите програми и проекти од интерес на граѓаните, соопшти Град Скопје.

„Второто лицемерие е што Вие сте мнозинство во Советот и сѐ што не функционира во овој град е ваша одговорност, верувам дека сите го знаат тоа. Денеска не гласавте програма од областа на сообраќајот во Град Скопје, значи сѐ што е од областа на сообраќајот во Град Скопје е закочено, веќе дојде месец април. Денеска не гласавте програма за заштита на животната средина, после немој да излезете да говорите за заштита на животна средина затоа што вие блокирате и не гласате програма за животна средина. Не ги гласате активностите од областа на локалните економски развој, не ги гласате активностите за соработка со здруженија и фондации“, посочи Арсовска.

Најголемата иронија, истакна таа, е фактот што истите програми кои денес советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаат, ги гласале кога градоначалник бил Коце Трајановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но ги гласале и кога ВМРО-ДПМНЕ било опозиција, а градоначалник бил Петре Шилегов.

„На лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ му нема крај“, заклучи Арсовска.

Поврзани новости