Сојузот на синдикати на Македонија на одбележувањето на 13 Ноември денот на ослободувањето на Скопје, јавно ќе побараат одговорност од градоначалничката Данела Арсовска заради пресметувањето и отпуштањата од работа на вработени во ЈП „Водовод и канализација“.
Од ССМ велат дека денеска отпуштен од работа е претседателот на синдикатот на претпријатието Стојанче Кашиковски. Бараат средби со Арсовска, но не можат нигде да ја најдат и затоа ќе ѝ направат соодветен пречек пред споменикот на ослободителите на Скопје .
„Градоначалничката Данела Арсовска наместо да се пресметува со своите неспособни кадри кои се нејзин личен избор да раководат со јавните претпријатија, преку осуденици, лица со лоши мисли и непресметливи лица, се пресметува со синдикатот. Ова го нема ниту во земјите кои имаат диктатори за владетели, а веројатно и градоначалничката се однесува така.
Синдикатот поради тоа што не може да ја најде градоначалничката Арсовска ниту под дрво ниту под камен, ќе ја пречека на одбележување на денот на ослободувањето на градот каде што ќе се појави и пред целокупната скопска и македонска јавност ќе побара одговорност од неа и нејзините лични соработници кои се осуденици и се со дијагнози од невропсихијатар“, велат од ССМ.