Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, за најавата дека Финансиската полиција во понеделник влегува во Град Скопје во врска со набавката за новогодишното украсување на главниот град, вели дека китењето чинело 30 илјади евра.
-Ќе си дојдат, ќе си проверат. Тоа не го прави градоначалникот, туку го прави соодветна комисија во Градот Скопје и дека доколку било кој смета дека 300 илјади евра е сумата која треба да се плаќа на компаниите, односно да си плаќа некој на својот кум за да го кити Градот, јас мислам дека институциите треба малку посериозно да се позанимаваат со сите овие работи кои се случуваат во општеството. Знам дека овие корумпирани политичари кои седат на фотелјите 30 години сигурно дека нема нешто што повеќе би сакале во светот, а тоа е да погрешам нешто некаде. Меѓутоа, јас не грешам – изјави таа за Сител.
Таа тврди дека распишала јавен повик за украсувањето.
– Јавни повици и јавни набавки се нешто друго. Јавните набавки одат преку системот за јавни набавки, а јавните повици, секоја локална самоуправа ќе ви каже дека оди преку дел од програмите на нашите градови, односно локалните самоуправи, општините, и за истите си има соодветна законска процедура која е почитувана, истото е правено јавно во дневните весници во Република Македонија со соодветен рок и испочитувано е се како што треба – рече Арсовска.