Арсовска пак не доби поддршка за еко-автобуси: Ако има БТР и се вратат приватните автобуси нема потреба од задолжување

by fokus

Со 14 гласа „за“, 4 „воздржани“ и ни еден против, советниците од Советот на град Скопје, денеска повторно не ѝ дадоа поддршка на градоначалничката Данела Арсовска за земање кредит од 10 милиони евра за набавка на нови еко-автобуси.

Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров, ја повика градоначалничката Арсовска да даде повеќе детали за набавката на новите екоавтобуси.

-Пред да дадеме поддршка за ова позајмување, сакаме да знаеме во каква финансиска состојба е Градот. Според мене, треба да се изработи проект, да се знае колку автобуси и со какви карактеристики е планирано да се купат. Така се бара поддршка, со посериозен проект. А, ние само знаеме дека задолжувањето е 620 милиони денари и ништо повеќе од тоа. Но, ако ‘Бас рапид транзит’ се реализира, приватните автобуси се враќаат на улиците, не гледам зошто има потреба да се задолжуваме, рече Шутаров.

Арсовска им порача дека доколку ги интересираат граѓаните, тие сами да ги определат сите детали за кредитот и сите услови, службите на Градот само ќе ги спроведат во јавната набавка.

-Доколку ве интересираа граѓаните, уште пред три седници ова ќе беше изгласана точка. Три седници по ред ги даваме одговорите и на секоја наредна седница додека не се изгласа предлогот ќе го кажуваме истото. Треба да знаете дека станува збор за пазарна економија и не можеме да ви кажеме ние кој ќе се пријави за јавната набавка, со каква понуда и по која цена и кој ќе се избере. Тоа ние не можеме да го знаеме. Вака се вршат сите јавни набавки во земјава, одговори Арсовска.

Граѓаните со месеци мака мачат со јавниот превоз, иако имаше најави дека приватните превозници ќе се вратат на улиците, сепак договор никако нема.

Поврзани новости