Првичните информации говорат дека благодарение на брзата реакција на пожарникарите, оштетувањата на објектот се минимални и не довеле до нарушување на структурниот интегритет на мостот.
Ова денеска го изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на прес конференцијата одржана на мостот „Беласица“.
-Службите на Градот Скопје и лично јас уште од првата вечер сме на терен на увид во настаната штета при пожарот. Денеска со мене е и еден од најголемите експерти не само во Македонија туку и пошироко професорот Михаил Гаревски кој во текот на изминатата недела изврши иницијални проверки со цел да добиеме потврда и да бидеме сигурни дека во моментот кога мостот ќе биде пуштен во употреба нема да биде загрозен никој.
Напоменувам дека заедно со помошта на видни стручни лица од областа, Град Скопје ги презема сите потребни проверки со цел да бидеме сигурни дека никој нема да биде доведен во опасност и затоа се спроведува детално истражување за штетата која би можела пожарот да ја нанесе на мостот „Беласица“, рече Арсовска.
Таа апелираше до сите институции да бидат на висина на задачата и прво да се спроведат сите можни испитувања на мостот Беласица, како што, како што рече, тоа го прави Градот Скопје со цел да дојдеме до вистински заклучок кога најбрзо мостот може повторно да биде пуштен во употреба.
-Паушалните тврдења како досега кои произлегоа од политичките агенди на групи и поединци, што само шират страв и паника помеѓу граѓаните, не помагаат никому.
Жалам што можам да констатирам дека секоја непогода со која се соочува градот резултира со медиумски линч на градската администрација иако на граѓаните им е јасно дека се работи само за очајни обиди за собирање на политички поени, рече Арсовска.