Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска преку објава на социјалните мрежи алармираше за, како што тврди, сериозен урбанистички и безбедносен скандал во Општина Чаир, каде се гради објект од 12 ката со над 50 станови без основен проект, без платени комуналии и со низа незаконски приклучоци на струја и вода.
Според Арсовска, објектот се обидува да се легализира со лажна документација, прикажувајќи се дека е изграден во 2011 година. Таа информира дека инвеститорот на диво веќе се приклучил на електричната мрежа, а денес, во недела, се изведувале и нелегални работи на булеварот за приклучок на водоводната и канализациска мрежа.
„Дрскоста оди дотаму што денеска се копа булевар со надеж дека во недела нема институции кои ќе реагираат“, напиша Арсовска, додавајќи дека се работи за опасен објект кој се гради без надзор и без одобрение, со сериозни закани упатени до оние што алармираат.