Новата градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсова денеска и официјално ја презема функцијата од нејзиниот претходник Петре Шилегов, кој со главниот град управуваше еден мандат од четири години. Тој во новиот кабинет ја пречека со букет цвеќе, со што таа го замени на градоначалничката фотеља.
Сепак, денешната атмосфера при примопредавањето на функцијата не може воопшто да се спореди со реториката која ја следеше целата изборна кампања. Откако уште во првиот круг на локалните избори, Шилегов загуби од независната кандидатка подржана од ВМРО-ДПМНЕ, само неколку дена пред одржување на вториот круг, пратеничката од редовите на владејачката партија Славјанка Петровска излезе со документи и фотографии дека Арсовска и целото нејзино семејство имаат бугарско државјанство и бугарски лични карти.
Во тој период, независната кандидатка директно не демантираше, туку само тврдеше дека се води црна кампања против неа и дека таа е спремна да ги тужи СДСМ.
Веднаш по завршувањето на вториот круг од локалните избори, „Фокус“ испрати неколку прашања до секторот за односи со јавност, кои ја следеа изборната кампања на Арсовска, од каде добивме потврда дека прашањата ќе ни бидат брзо одговорени, но на телефон не можеме лично да ја добиеме бидејќи е зафатена со админстративни работи. Во прилог прашањата:
1. Може ли да ми кажете дали ќе ги тужите СДСМ поради обвинувањата дека имате бугарско државјанство?
2. Дали се точни нивните обвинувања и дали навистина целото ваше семејство имаат бугарско државјанство?
3. И ако не се точни, како на јавноста ќе го докажете тоа?
Оттогаш, поминаа пет дена, но досега не добивме никакви повратни одговори.
Арсовска во предизборието најави тужба за клевета и против Дарко Каевски од СДСМ, кој на прес-конференција зборуваше за фирми на нејзино име.
„Згрозена сум од конструкциите што ги пласира СДСМ. Не само што информациите изнесени на прес конференцијата не се точни, туку безобразна политичка конструкција. Поради тоа ќе поднесам тужба за клевета до Дарко Каевски од СДСМ кој ги изнесе овие невистини. Јас не сум политичар, зад мене не стои политичка партија да ме брани, затоа ќе се бранам по институционален пат. Доколку би имала каква било дамка лично и професионално немаше да се впуштам во битката за градоначалник спроти политичари кои освен црна кампања не можат да сработат ништо друго и очекувам дека ќе напаѓаат“, тврдеше тогаш кандидатката за градоначалник.
Оттука, остануваат нејасни прашањата дали Арсовска воопшто ќе тужи за наводите на СДСМ и ако не тужи, која е причината, со оглед на тоа што на тој начин ги потврдува нивните обвинувања.