Подобрувањето на состојбата во однос на загаденоста на воздухот значи и прекин на бесплатниот јавен превоз во градот Скопје. Оваа мерка е дел од пакетот интервентни мерки во деновите кога е енормно аерозагадувањето, велат од Град Скопје.
Според градот, срамни се обвинувањата од СДСМ, дека градоначалничката Данела Арсовска со своја одлука го укинала бесплатниот јавен превоз.
-Согласно со Закон мерките се стопираат кога просечното загадување ќе биде под 100 микрограми на кубен метар, како што е случајот сега, според известување добиено од Министерството за животна средина и просторно планирање. Итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот се согласно со Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје кој е донесен од Советот на Град Скопје. Овие мерки се на сила се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар, стои во реакцијата.
Од владеачката партија денес прашаа дали градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска смета дека со мерка која трае 1 ден го решила аерозагадувањето во главниот град?
-Нема друго логично објаснување зошто Данела ги укинува мерките за спречување на загадувањето на воздухот во Скопје, а нема ниту дополнителни мерки. Арсовска за три пати го намали буџетот за Секторот за животна средина, ги намали и средствата за субвенционирање на трошоците за набавка на инвертори, соопштија од „Бихаќка“.