Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска во својата изборна програма, главен фокус стави на бесплатниот јавен превоз и набавката на 250 нови еколошки автобуси. Тоа беа и најспектакуларните проекти кои беа најавени во предизборниот период. Според неа, на тој начин ќе се решел и долгогодишниот проблем со загадувањето на воздухот.
Сепак, таа уште пред да го освои мандатот вети дека во првите 82 дена од седнувањето во градоначалничката фотеља ќе реализира 15 +1 проекти со што ќе го означи успешното менаџирање со градот, со оглед на тоа што таа немала намера да биде политичар, туку само менаџер.
Но, тоа не е се. За овој период, таа вети и намалување на цената на паркинзите за 25 отсто, но засега тоа остана само на лист хартија. Листата на проекти е уште подолга, а лека-полека се наближуваме кон 80 дена откако Арсовска стана градоначалничка, па решивме да направиме пресек на досега ветеното и сработеното.
Од сите 15 проекти кои беа ветени за овој период досега се вратија само ноќните линии на автобусите и се чистат дел од депониите. Се друго е на станд бај. И, да не заборавиме ако нешто најекспресно го реши новата градоначалничка, тоа е разрешување на директорите на јавните претпријатија од редовите на СДСМ и поставување на нови „независни“ кадри од опозициската партија. Но, да почнеме по ред.
Тоа што е карактеристично за новата градоначалничка, која цело време во јавноста беше позната како независен кандидат е што сите нови директори, кои ги назначи доаѓаат од редовите на најголемата опозициска партија. Па, оттука се создаваат сомнежите околу целата нејзина „независност“.
Златко Перински за прв човек на „Водовод и канализација“ дојде на местото на Душко Весковски, кандидат за градоначалник на скопски Карпош од редовите на СДСМ. Но, тоа што е помалку познато за него во јавноста е дека и тој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и е еден од нејзините најактивни членови и со долгогодишна партиска историја.
Перински, пред речиси четири години, поточно во март, 2018 година е назначен за шеф на кабинетот на лидерот Христијан Мицкоски.
Ирена МУЛАЧКА
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК