Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Карактерот на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска многупати излезе на површина. Таа нема никаква комуникација со 90 отсто од медиумите, сите ги игнорира, а ретко закажува и прес-конференции. Избувливоста и надменоста се едни од нејзините главни карактеристики, а промената на директорите го достигна врвот.
Како што веќе објавивме, нејзин човек од доверба, кој владееше во сенка и еден од најблиските соработници е сметководителот Драги Митковски, кој доаѓа од Сојузот на стопанските комори.
Тој има свое сметководствено биро, фирми, долгогодишни бизнис-релации со Арсовска, па така и повеќето од работите во Град Скопје одеа лично преку него.
Но, во последно време, во јавноста се вртат муабети дека односите меѓу Арсовска и Митковски се нарушени, а уште еден доказ за тоа е менувањето на новата тура директори, кои според информациите се блиски познаници на сметководителот.
Инаку, дека со години се во блиски релации покажува и тоа што тој беше носител на втората изборна единица на последните парламентарни избори од партијата „Нова алтернатива“ под раководна палка на Арсовска.
„Фокус“ на оваа тема поразговара и со Митковски и тој ни потврди дека нивната комуникација официјално завршила на 11 јули. Актуелната градоначалничка го блокирала секаде и прекинала да комуницира со него.
Тој тврди дека немал никаков официјален ангажман во Град Скопје, но признава дека многу ѝ помагал на градоначалничката.
– Јас сум човек, кој има блиски релации со сите, комуницирав и со Груевски (Никола Груевски) и со Зоки (Зоран Заев), не се карам со луѓето.
За разлика од неа, јас сум секогаш за пријател повеќе во животот. Имам пријатели и од Сојузот на стопанските комори, од Фудбалската федерација. Човек мора да одржува контакти со сите – вели Митковски во изјава за „Фокус“.
Тој додава дека цело време ѝ кажувал на Арсовска дека мора да комуницира со новинарите и дека не смее да ги игнорира медиумите.
–Но, таа не ме послуша – истакна Митковски.
Тој е еден од луѓето со кој Арсовска имала најдолго пријателство, а во една пригода, Арсовска јавно изјави дека се работи за семеен пријател.
Според нашите информации, актуелната градоначалничка ја прекинува комуникацијата со Митковски, откако го обвинила дека бил на ручек со премиерот Мицкоски во „Воденица“, па со тоа на некој начин ѝ забодел нож во грбот, со оглед на тоа дека таа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го смета за голем непријател.
Нашите извори тврдат дека таа не му дозволила на Митковски да се објасни, а тој немал никаква средба со премиерот, туку последен пат седеле заедно во 2020 година.
Тука и на тој начин завршува комуникацијата меѓу Арсовска и Митковски, а тоа се докажа и со промената на неколкуте директори на јавните претпријатија, кои во период од една недела беа експресно сменети од директорските столчиња.
Еден од нив е Александар Кузинаков, кој шест месеци беше директор на ЈП Дрисла. За разрешувањето, градот информираше со соопштение, според кое, Кузинаков е разрешен поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување.
„За неговото работење до Градот Скопје пристигнати се бројни пријави со индиции за злоупотреба и пречекорување на овластувањата, за што Градот Скопје веќе најави ад хок ревизија.
Справувањето со корупцијата и самоволието во Градот Скопје беше и едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска.
Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на Градот Скопје“, се наведува во соопштението од Град Скопје.
Но, истовремено, скопската градоначалничка Арсовска „на големо“ дели откази низ Град Скопје, тврдат нашите извори. Тоа го прави по разни основи, известувањата се закачуваат и на огласната табла.
Минатата недела, од раководни позиции беа разрешени и директорите на „Градски паркинг“, Михаил Петревски, на „Комунална хигиена“, Гоце Трајковски и на ЈП „Водовод и канализација“, Виктор Панчевски.
Го прашавме Митковски и за тоа дали неговите познаници се последните директори што се сменети, на што тој потврди.
– Арсовска редовно ми се обраќаше за да ѝ посочам луѓе за директори и јас веднаш ќе ѝ предложев. Јас сум познат човек, имам луѓе – ни одговори Митковски.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.