Арсовска конечно успеа да го протне Бени Шаќири за нов директор на МКЦ

by Fokus

По долго натегање, музичарот Бени Шаќири конечно е назначен за нов директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), неофицијално дознава „Фокус“.

Покрај Шаќири, кандидатури поднеле и продуцентот и филмски работник Никола Мадиќ, кој е сопруг на заменичката-министер за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

Шаќири доаѓа на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата лани во јануари.

Откако „Фокус“ уште лани во јануари објави дека актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска го разрешила тогашниот директор на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев, кој пак во изјава за „Фокус“ тврдеше дека трпел закани и уцени, тогаш на површина исплива дека главната причина за неговото разрешување е затоа што не потпишал вработување за Бени Шаќири.

„Директорот беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири“, се наведуваше во тогашното соопштението на Програмскиот колегиум на МКЦ.

Во медиумите пред вториот изборен круг на локалните се појави фотографија од Арсовска и Шаќири, под која сега веќе актуелната градоначалничка напиша „Скопски муабети“.

Тој претходно во дел од интервјуата јасно и гласно кажуваше дека нема намера да го поддржи поранешниот градоначалник Петре Шилегов за уште еден мандат.

Меѓутоа, приказната околу Бени Шаќири и Младински културен центар има своја историја. Уште во јуни, 2019 година кога во јавноста излегоа муабетите дека се спрема пејачаот да стане нов директор на МКЦ, 250 културни работници бараа од тогашниот премиер Зоран Заев  да спречи менување на тогашниот в. д. директор  Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шеќири на директорската функција.

Во отвореното писмо до премиерот се вели дека ако Шаќири биде назначен за директор ќе дојде до нарушување на континуитетот на работа на МКЦ.

„Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција директор на МКЦ.  За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија.

 

Но, повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“, се наведуваше пред една година во писмото на културните работници.

Изборот на директор на МКЦ требаше да го изврши тогашниот градоначалник Шилегов бидејќи оваа културна институција е под надлежност на Градот. Но, тоа не се случи. Па, очиглдно тоа беше една од причините зошто Шаќири се налути на раководството на владејачката гарнитура.

Ирена Мулачка

Поврзани новости