Реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана и ќе продолжи, но откако ќе се исправат грешките на поранешното раководство на Град Скопје, бидејќи продолжување на било какви активности би било опасно по безбедноста на граѓаните, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која денека беше кај Универзална.
-Има грешки во проектот и поради тие грешки наместо планираните столбови постојното решение потребно е да се зајакне со дополнителни 2 носечки столба, но детектирани се и бројни други недостатоци. Во моментов во тек е фаза во која се прави реконструкција на фасадата и кровен покривач, додека за следна фаза за внатрешното уредување на објектот воопшто не е изработена ни проектна документација за изведба на внатрешниот дел.
По воведување во работа, изведувачот се соочува со низа проблеми од обемен карактер, односно се појавуваат проблеми поради неусогласеност на проектот со постојната состојба на објектот, како и низа неочекувани состојби со градежно конструктивните елементи на истиот, односно воопшто непостоење на арматура во темелни ѕидови, испукана армирано-бетонска плоча на сцена, неочекувани постојни темели на места на кои се предвидени новите конструктивни елементи и слично, рече Арсовска.
Таа апелираше до министерката за култура како претставник на Владата, но и гласноговорниците на владејачката СДСМ во советот на Град Скопје да престанат со изнесување на информации кои единствено служеле за манипулирање и извртување на фактичката состојба.
-Власта треба да реши дали нападите за собирање политички поени се поважни од безбедноста на граѓаните. Дали за претходното градско раководство отпочнувањето на активностите за реконструкцијата и покрај нецелосната техничка проектна документација и сознанијата за сериозни проблеми во објектот со цел политички поени во време на изборен циклус, беа поважни од детектираната опасност за реконструкцијата на Универзална сала, рече Арсовска.