Арсовска ја „урниса“ Комунална хигиена, само долг од над 6 милиони евра спрема добавувачи

by Fokus

Скопје се бори со тешка криза со управувањето на Градот. Преполните контејнери и минидепонии се на секој чекор, додека јавните претпријатија се соочуваат со финансиски тешкотии, кои се пресметуваат во милиони евра.

Едно од нив е и „Комунална хигиена“, чиј долг спрема добавувачите, според последните извештаи, достигнал над 6 милиони евра, алармантна бројка што ја доведува работата на самото претпријатие до тотален колапс. Ништо поразлична не е и ситуацијата во „Водовод и канализација“, каде што долгот е околу 11 милиони евра.

Повеќе од две години, атмосферата во ова претпријатие врие, па, освен што градот е затрупан во ѓубре, кружат приказни дека со камиончињата веќе не се знае што се пренесува и за какви работи се наменети.

Тие информации доаѓаат од повеќе вработени, но никој јавно не ги споделува. Целата атмосфера е напната, нарушени се односите меѓу вработените, а во меѓувреме редовно се бркаат и луѓе што не се на листата „послушници“.

Но, најпрво да објасниме што точно е работата на ова претпријатие? ЈП „Комунална хигиена“ врши дејност од јавен интерес и како претпријатие формирано од Градот е јавен сервис за одржување на хигиената во градот.

Директорот на претпријатието е со мандат од четири години, но за време на тригодишното владеење на Арсовска се сменија дури четворица директори, поточно на секои шест месеци нов ја запоседнува фотелјата.

Управниот одбор е составен од 12 члена, со мандат од четири години, кои ги именува и разрешува Советот на Град Скопје, додека, пак, Надзорниот одбор за контрола на материјално-финансиското работење е составен од пет члена.

Според финансиските извештаи со кои располага „Фокус“, поточно според извештајот за загуба и добивка во 2019 година, две години пред да седне Арсовска на градоначалничката фотелја, приходите на ова претпријатие изнесувале околу 20 милиони евра, додека, пак, расходите биле еден милион повеќе или, пак, пресметано 21 милион евра.

Сепак, тоа што боде очи е кога ќе се направи споредба со последните две години 2023 и 2024 година, со што приходите на ЈП „Комунална хигиена“ паднале на речиси 5,6 милиони евра, што претставува огромен пад.

Кои се причините за таквиот пад, никој не кажува, со оглед што сѐ е во рацете на градоначалничката, меѓутоа се работи за многу голема разлика во работењето на претпријатието во период од само неколку години.

Сепак, во финансиските извештаи од последните две години се истакнува и тоа дека лани обврските спрема набавувачите, поточно сето она што оди на тендер изнесувале 3,6 милиони евра за цела година, додека, пак, последниот извештај за 2024 година, за само шест месеци покажува дека таа сума е зголемена за 100 отсто и изнесува 6,6 милиони евра. И тоа само за половина година.

Зголемени краткорочни обврски спрема набавувачите од 100,49 отсто, од кои 15,75 отсто се недоспеани обврски“, се наведува во финансискиот извештај до 30 јуни, 2024 година.

Исто така, постои голема разлика и во сумата за резерви, што значи дека во 2023 година биле 6,8 милиони евра, додека само една година подоцна таа сума е 2,2 милиони евра.

Извештајот покажува дека се намалил и бројот на вработени, па така од 1.011, таа бројка стигнала до 999, кои во моментот работат во „Комунална хигиена“.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости