Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска побара хумано градење во Градот, но и следење на стандардите за градење, за да не се повтори тоа што се случи пред 60 години со катастрофалниот земјотрес. Се заблагодари на вработените во Институтот за земјотресно инженерство од Скопје (ИЗИС) и ги повика сите присутни да се спротистават на урбаната мафија.
„Со тимот во Град Скопје имавме состанок и анализиравме и дојдовме до тоа дека има детални урбанистички планови кои сакаат шверцерски да се протнат низ институциите. Затоа повикувам да зборувате гласно, да ја дадете својата експертиза секаде каде што е неопходно“, додаде таа.
Таа рече дека во моментов се работи на Генералниот урбанистички план кој треба да биде водилка за тоа како Градот ќе се развива идните 10 години.
„Треба да превенираме да не се случи она што се случи. Да се биде на браникот на тоа да не се овозможи сеизмички несоодветни објекти да се градат – е многу важно. Но, важно е да се земат предвид и другите фактори што треба да ги имаме за развојот на нашиот град. А тоа е хуманото градење, град Скопје да се гради хумано“, рече Арсовска.