Премиерот Димитар Ковачевски вели дека градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, наместо да се грижи за граѓаните и да им обезбеди парно греење зимава, со нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ договара тендери и се караат за провизии.
Ковачевски во интервју за националниот сервис МТВ рече дека Владата оваа зима преку ЕСМ ќе го преземе парното греење, бидејќи, според него, Арсовска не сака иако ѝ е тоа комунална обврска.
-Градоначалничката Арсовска беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ако не беше немаше теоретски шанси да победи и на сите митинзи беше промовирана како нивни кандидат, цел штаб работеше за неа, трубачи ја чекаа во штабот. А тие што работеле 10 месеци, договарале тендери за кои самите зборуваат. Не зборуваме ние од СДСМ туку тие на прес-конференции. И на крај што се случи, не можеа да се договорат за провизии и излегуваат на прес-конференции се караат – рече Ковачевски.
Градоначалничката Арсовска му одговори на Ковачевски дека Владата е неспособна за справување енергетската криза.
„Владата е таа која има дадено повеќегодишна концесија на БЕГ при што, секако обврска и одговорност на Владата е да се справи и со последиците кои произлегуваат од таа концесија. Град Скопје во ниту еден момент не бил носител на лиценца. Владата, кога беа милионски профитите на приватните компании кои раководеа со топловодната енергетска мрежа, одбиваше таа да биде одземена од истите и да претставува национален ресурс, за сега да бара виновник за сопствените одлуки. Обидите за префрлање на вина од оној кој не преземал соодветни мерки за амортизирање на ценовниот шок во кризава е дегутантно и непотребно“, стои во писмената изјава на Арсовска.