Арсовска го урна знакот „Ја сакам Кисела Вода“ што го постави градоначалникот Ѓорѓиевски

by Fokus

Град Скопје денеска го урна знакот „Ја сакам Кисела Вода“ поставен на пешачкиот остров меѓу улицата Народни херои и булеварот Борис Трајковски.

Овој знак беше поставен кон средината на јуни за да се разубави општината. Но, сега како што вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски,  градоначалничката Данела Аровска наместо да се занимава со проблемите на граѓаните, урива знаци кои се донација од граѓани.

„Поставување на овој знак, беше иницијатива на граѓани. Пред пет месеци испративме барање до Градот Скопје, за кое добиме усмено одобрување лично од Арсовска, но не писмено, до денешен ден немаме буквално никаков одговор, што според закон, значи премолчено одобрување.

Решението за отстранување на објектот е правно неиздржано поради тоа што во него, случајно или намерно, се бара отстранување на објект во Општината Аеродром, а не во Кисела Вода. Да водиш институција е многу сериозна работа и тоа не подразбира реваншизам, политичко инаетење и незрелост или правење на циркус со рушење на рекламни табли.

Тоа подразбира решавање на проблеми на граѓаните и искрено се надевам дека дотичните од Градот Скопје ќе излезат од балонот  на гнев и реваншизам и конечно ќе ја сфатат улогата и функцијата за која се избрани“, вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски вели дека Арсовска изминатава една година ништо не направила за граѓаните на Кисела Вода со чии гласови дојде на функцијата.

 

 

Поврзани новости