Пред само три дена, актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска повторно, по кој знае кој пат смени директор на јавно претпријатие. Таа пред само осум месеци во „Улици и патишта“ како директор го постави Саит Саити, кој пак пред два месеци доби менаџерски договор од четири години.
Тоа би значело дека сега со смената треба да му се плаќа оштета од неколку директорски плати за предвременото разрешување, иако никој не ја кажува точната причина.
Во тој момент, таа експресно на истата функција го постави Ќамил Ковачи, кој до пред неколку месеци беше директор на Психијатриската болница „Бардовци“, која низ годините ја следат низа скандали.
Сепак, во соопштението испратено од Град Скопје се наведуваше дека тој бил директор на јавното комунално претпријатие „Сарај“, но не и дека раководел со психијтриската болница. И двајцата, и претходниот и сегашниот се блиски до „огнената“ фракција од ДУИ.
Арсовска во последната година ипол колку што седи на градоначалничкото столче е редовна мета на критики и на власта и на опозицијата за нејзиното „работење“ во Градот Скопје.
Сепак, мора да признаеме дека ако нешто „совршено“ функционира во главниот град, тоа е смената на директорите на јавните претпријатија. За целиот овој период, колку што владее Арсовска, како никогаш досега се менуваат првите луѓе на институциите под раководство на Градот.
АРСОВСКА ПОСТОЈАНО МЕНУВА ДИРЕКТОРИ
Откако седна на градоначалничката фотелја, Арсовска со брзина на светлината ги смени сите директори и на нивно место стави вмровски кадри, со оглед на договорот кој за време на локалните избори го имаше со најголемата опозициска партија. Но, не беше потребно многу време „тиквата да пукне“, па наеднаш јавните претпријатија да добијат нови директори.
Како по шема, штом се скараа со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, таа експресно ги разреши сите директори од Белата палата.
Па така, ако го земеме како пример „Водовод и канализација“, како прв директор за време на нејзиниот мандат фигурираше Златко Перински, кој го разреши поради тендерот за пречистителната станица, бизнис-зделка вредна 136 милиони евра. Тој не ја послуша да се смени комисијата и автоматски се најде на црвената листа.
На негово место седна Марјан Митовски, кој ѝ ветуваше кули од злато, но очигледно дека кога ја зазема директорската позиција не си ги исполни ветувањата, па затоа за четири месеци беше разрешен од функцијата.
Сега на ова место седи Драган Илиевски, кој пак претходно неколку месеци беше на чело на Зоолошката градина, која исто така сега има трет директор.
Илиевски во Зоолошка дојде на местото на Кристијан Стаменов, кој беше разрешен откако излегоа фотографии дека заклале 15 коњи. Во моментот, со Зоолошката градина раководи Зоран Попов.
Откако започна нејзината соработка со актуелниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, таа почна да назначува директори од ГРОМ.
Пред само два месеци, досегашниот директор на Градски Паркинг, Крсте Петревски стана нов директор на ЈСП. Тој е кадар на ГРОМ и генерален секретар на партијата.
Тој исто така го зазема третото директорско место за само една година, откако преходно со ова претпријатие управуваа Александар Стојковски и Иван Илиевски.
Но, не само со ГРОМ, актуелната градоначалничка се здружи и со „интегративците“. Пред осум месеци, во „Улици и патишта“ за в. д. директор е назначен Саид Саид, а во „Паркови и зеленило“ Реџепи Зухејр, кадри блиски на „огнената група“ на Изет Меџити и Блерим Беџети.
Сепак, пред речиси еден месец Зухејр си поднесе оставка, тврдејќи дека оставката ја дава поради здравствени причини. Но, како што дознава „Фокус“, причините се сосема други.
Без скандали не помина и разрешувањето на Ванчо Богоев, директор на Младинскиот културен центар, кој се најде на црната листа на неподобни на Арсовска, откако не сакаше да го потпише решението за вработување во МКЦ на Бени Шаќири, кој пак претходно му се налути на Шилегов дека не го назначил за директор, па поддршката на изборите ја даде на актуелната градоначалничка.
Ирена Мулачка