Со положување цвеќе пред споменикот на ослободителите на градот и на партизанските гробишта денеска беа одбележани 80 години од ослободувањето на Скопје.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, порача дека јубелејот 80 години, е симбол на победата, на духот, на решителноста, на пожртвуваноста на генерациите кои што се обиделе да направат нешто повеќе и дека „нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град, кој ќе биде гордост на секој еден од нас“.
– Да е вечен споменот на нашите предци, на нивните дела, а ние сите, граѓаните на Скопје и на нашата Македонија да останеме обединети во нашите напори да направиме нашиот град да биде уште поубаво место за живот, меѓутоа да биде и поуспешно, посветло и поубаво место за живеење на идните генерации… да докажеме и покажеме дека можат Скопјани и знаат како да работат заедно, порача Арсовска.
Оваа годишнина, порача Арсовска, е време да се потсетиме дека мора да преземеме обврска за продолжување на тоа што некој пред нас успеал да се избори и да ни го остави како подарок со својот живот и жртва.