Даниела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори, смета дека кабловските оператори треба да ја преиспитаат одлуката за укинување на емитувањето на каналите. Таа посочи дека тие имаат склучено договори со компаниите и граѓаните од кои, како што вели, произлегуваат права и обврски кои мора да се почитуваат.
-Закани за информативен мрак се недозволиви, поточно потребно е да се почитуваат законите и воспоставените договори во рамки на облигациските односи. Сите зависиме од информациите кои се неопходни во деловното работење и затоа за еднострано раскинување или адхок измени на договорите од страна на операторите, сите треба да се свесни дека ќе имаат реперкусии. Деловната заедница апелира дека треба да се почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост, како и регулативата да се почитува и спроведува неселективно – истакна Арсовска.
Претходно, национални телевизии ги обвинија кабловските оператори за ниско ниво на општествена одговорност и дека саакат да воведат информативен мрак, откако операторите се заканија дека нема да емитуваат ниедна домашна и странска програма додека важат законските одредби кои предвидуваат и кривична одговорност за емитување на програми без регулирани авторски права.