Арсов: Пресудата на Стразбур за “Фокус- Мијалков” потврди дека новинарите не може да одговараат за пренесена изјава

by fokus

Адвокатот Трајче Арсов вели дека одлуката на Судот за човекови права во Стразбур, со која се докажа дека „Фокус“, новинарот Владо Апостолов и уредничката Јадранка Костова, неправедно биле осудени за клевета и навреда на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е очекувана.

-Не сум изненаден од Пресудата на Европскиот суд за човекови права, беше прашање на време кога ќе биде. Домашниот суд стори неколку очигледни повреди на сметка на тужените Јадранка Костова и Владо Апостолов, за кои во Европскиот суд постоеше позитивна пракса во делот на заштита на слободата на изразување.

Имено, со оваа пресуда уште еднаш се потврди правилото дека не може да сносат одговорност новинари кои пренесуваат изјави од сегашни или поранешни функционери, независно дали се точни или невистинити, кога се работи за прашања од јавен интерес, доколку направиле обид да добијат второ мислење од засегнатата страна или пак било каков обид да ја проверат содржината на тврдењето пред да го објават, ни изјави Арсов, кој го застапуваше “Фокус” и новинарите пред домашниот суд.

Тој додава дека и досудената казна беше превисока се со цел да се обесхрабрат новинарите.

-Висината на досудениот надомест на штета од 5000 евра на сметка на главниот одговорен уредник Јадранка и 1000 евра на сметка на новинарот, се несразмерни во однос на просечната плата во државата, особено што создаваат т.н. „chilling effect“, односно се влијае на новинарите да се обесхрабрат да отвораат прашања од јавен интерес кога се во прашање високите функционери, ни изјави Арсов.

Тој појаснува и дека оваа одлука предизвикува правни последици дома, односно може да се бара повторување на постапката.

-Кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи, странката може да поднесе барање до судот во Република Македонија кој судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со која е повредено некое од човековите права или основните слободи, за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена.

Со други зборови, оваа пресуда е основа за повторување на постапката пред домашниот суд, а судот е должен да ги почитуваат правните ставови изразени во пресудата на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на основните човекови права и слободи, бидејќи праксата на Европскиот суд за човекови права е извор на право како и домашните закони, појаснува адвокатот.

Пресудата на Судот во Стразбур беше објавена во вторникот.

-Судот смета дека оспорените одлуки претставувале мешање во правото на апликантите на слобода на изразување. Случајот се однесува на жалбата на апликантите според член 10 од Конвенцијата, дека исходот од граѓанската постапка за клевета против нив го повредил нивното право на слобода на изразување, се наведува во одлуката на Судот, потенцирајќи дека бил повреден членот 10 од Конвенцијата.

Апликацијата беше поднесена во 2016 година, откако новинарите пред домашните судови беа осудени за клевета и навреда на тогашниот директор на УБК, за што му платија штета од над 9000 евра. Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка, Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков.

Тогаш и првостепениот суд и Апелација го осудија „Фокус“ и новинарите за сторена клевета и навреда.

ЗНМ реагираше дека одлуката на судиите Лидија Димчевска, Станка Зафировска и Енвер Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта, додека изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари.

В.В.

Поврзани новости