Челзи е овогодинашен победник во Лигата на Европа, откако во вечерашното финале во Баку го разби лутиот ривал Арсенал со резултат 4-1.
Организаторите се чини дека потфрлија во ова финале, најмногу поради слабата посетеност на трибините. Првото полувреме беше прилично здодевно и без посериозни шанси кај двете екипи.
Во 9-та минута од мечот, Обајмеанг имаше добра прилика да го отвори резултатот, но шутираше непрецизно кон голот на „сините“. Во 28-та минута, тимот на Емери беше повторно блиску до водство, но при топовскиот удар на Џака, топката ја затресе пречката од голот на Кепа.
Десет минути подоцна, конечно и шанса за Челзи. Се обиде некогашниот голгетер на Арсенал, Оливие Жиру, но легендариот Чех одлично интервенираше.
Веќе во второто полувреме Челзи заигра подобро и тоа веднаш вроди со резултат. Во 49-та минута, Жиру од тешка позиција го совлада Петр Чех за водство на тимот на Маурицио Сари.
Неполни 10 минути по водството, нов гол за Челзи, овојпат дело на Педро кој одлично биеше од работ на шеснаесетникот. Во 65-та минута, Челзи доби пенал, а сигурен реализатор беше Еден Азар. Ивоби, четири минути подоцна внесе мала неизвесност на натпреварот, постигнувајќи го својот прв погодок за 3-1.
Но, во 72-та минута, сите надежи за Арсенал беа срушени, откако Азар постигна погодок за 4-1, што се испостави и како конечен резултат.
До крајот на мечот, Арсенал имаше две прилики преку Лаказет и Вилок да го направи драматичен натпреварот, но резултатот остана непроменет.