Активистите на граѓанската асоцијација „Арсена“ од Гевгелија вчера повторно делеа здрава пакувана вода на своите сограѓани. Тие донираа 300 литри вода и ги предупредија гевгеличани за, како што велат, присуството на арсен во гевгелискиот водовод, недозволиво според стандардите на Светската здравствена организација (СЗО) и штетно по здравјето на граѓаните.
Активистите на „Арсена“ со пакуваната вода до граѓаните ги споделија и пораките дека тие како граѓанска асоцијација доставиле иницијативи до Советот на општина Гевгелија за решавање на проблемот со арсенот во водата. До изнаоѓање на трајно решение тие бараат граѓаните да бидат субвенционирани со здрава пакувана вода, а водата што ја добиваат преку градскиот водовод да се плаќа по цена за техничка вода наменета само за санитарни цели.