Граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ денеска поведе граѓанска Петиција за намалување на цената на водата од градскиот водоводен систем во Гевгелија на ниво на техничка вода, со цена од 5 денари за потрошен кубик.
Поводот за ваквите активности на „АРСЕНА“ е неколкугодишното игнорирање на локалните власти и јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија да се соочат со проблемот со високата конентрација на отровниот металоид арсен во градскиот водоводен систем и забраната за употреба на водата изречена од државната Агенција за храна и ветеринарство.
-Општинските власти и пред се’ Советот на општина Гевгелија досега не обезбедија мерки за снабдување на гевгеличани со чиста вода за пиење. Иако повеќе од 4 години и 4 месеци е на сила забраната за употреба на водата поради констатирани енормни концентрации на арсен кои се движат од 50 до 130 % над максимално дозволената граница пропишана од СЗО, локалните власти и ЈПКД „Комуналец“ не се ниту обидоа граѓаните да ги известат дека водата смеат да ја користат само како техничка вода. Од тие причини, а и според Законот за заштита на потрошувачи, корисниците на вода од градскиот водоводен систем се должни да го плаќаат тоа што го добиваат – техничка вода за одржување на хигиената, а не и отровниот арсен за кој надлежните не најдоа, ниту воведоа решение за елиминација на арсенот од водоводната мрежа, изјавуваат од АРСЕНА.