Издавачката куќа „Арс Ламина“, на својот годинашен настан што традиционално го одржува секоја година за своите вработени, автори и соработници, ги прогласи најдобрите во 2023 година. „Арс Ламина“ им додели признанија на Влада Урошевиќ, Наталија Лукомска, Горјан Петревски и Зоран Спасов-Ѕоф.
„Нашата мисија е да создаваме, да едуцираме, да споделуваме и да се поврзуваме. Ние ја негуваме страста за извонредност и активно ја поттикнуваме културата на иновирање – создаваме врвни изданија за деца и возрасни, со цел на нашите читатели да им обезбедиме единствено искуство. Секојдневен предизвик ни е да бидеме најдобри во сите аспекти на издавачката дејност, но во тој процес, се разбира, не сме сами – неизоставен дел се нашите автори, соработници и илустратори“, рече Дарко Фиданоски, коосновач на „Арс Ламина“, по повод доделувањето на признанијата за 2023 година.
Признанието автор на годината го доби академик Влада Урошевиќ, за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ во издание на „Арс Ламина“. Влада Урошевиќ е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци и твори во речиси секој жанр и во секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод. Урошевиќ годинава ги освои наградите „Роман на годината“, „13 Ноември“, „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, како и наградата автор на годината од Македонската асоцијација на издавачи.
„Арс Ламина“ на Наталија Лукомска ѝ го додели признанието илустратор на годината. Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги. Наталија Лукомска изработи над 220 илустрации за изданијата за деца „Си беше еднаш: Најубавите бајки на сите времиња“, кое деновиве ќе излезе од печат, и „Ремек-дело“, во издание на „Либи, дел од Арс Ламина – публикации“.
Признанието „Читањето е супермоќ“ за особен придонес во поттикнување на читачките навики кај децата го доби Горјан Петревски, кој со децении е на врвот на листата со најчитани македонски автори. Петревски активно се вклучи во кампањата „Читањето е супермоќ“ на „Арс Ламина“ што во 2023 година се реализираше во соработка со општините и со основните училишта во Скопје.
Зоран Спасов-Ѕоф го доби признанието за најпродаван домашен автор на Арс Ламина во книжарската мрежа „Литература.мк“ за 2023 година. Зоран Спасов-Ѕоф е автор на книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“, како и најновото издание „Цепај сине“, кои се во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
„Благодарни сме што во издавачката дејност имаме партнери и соработници кои покажуваат исклучителна сензибилност за важноста на квалитетот и се надеваме дека ќе продолжиме и понатаму заедно да креираме уште поуспешни проекти и приказни“, заврши Фиданоски.