Портпароли на партиската полиција на Мицкоски арогантно се перчат од партискиот пулт откривајќи ни што ќе гледаме во следната епизода од акционата серија на нашиот Елиот Нес. Можеби во некоја од следните епизоди ќе видиме како полицијата по грешка бувнува во некои, море барем само во една, од општините на ВМРО-ДПМНЕ и на коалициските партнери и таму да се обиде да најде нешто ситно, само колку да ги промеша картите, да не рече народот „а бе, овие м՛мат“!
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Браво! Конечно почна да се размрдува оваа држава, ова усмрдено мочуриште од криминал, корупција, нарачани платени убиства, дрога, палежи… од „игри“ на среќа, казина и обложувалници. Полицијата е тргната во лов на разбојничките дувла, апси, врши претреси, приведува…
Згора на тоа и некоја организирана фундаменталистичка, терористичка група не демнела со план да врши терористички напади чија основна ќелија од неколкумина била веќе приведена, како што вели министерот Тошковски кој, како без душа, видливо уморен, со траги од непреспиените ноќи, претпазливо, полека ни ги соопштува деталите од најновите акции на полицијата.
НОВА ЕПИЗОДА
Додека тој си ја врши мачната полициска работа, некои видно свежи и разбрборени портпароли на партиската полиција на Мицкоски арогантно се перчат од партискиот пулт откривајќи ни што ќе гледаме во наредната епизода од акционата серија на нашиот Елиот Нес.
Можеби во некоја од наредните епизоди ќе видиме како полицијата по грешка бувнува во некои, море барем само во една, од општините на ВМРО-ДПМНЕ и на коалиционите партнери и таму да се обиде да најде нешто ситно, само колку да ги промеша картите, да не рече народот „а бе, овие м՛мат“!
Секторот, „Внатрешни работи“, вака-така се покажа, знае што работи. Ама секторот „Надворешни работи“ е тотално кошмарен. Има еден млад министер, кој како пионер со црвена марама ги повторува зборовите од заклетвата напишана од Мицкоски и не смее да писне, зашто тука е и потпретседателот Николоски, кој на моменти е понаметлив и од неговиот шеф, така што човекот, иако е министер, во такви околности навистина изгледа изгубено.
Не го оставаат барем тој нешто ново да вгради во надворешната политика, особено нешто како корекција во нашата надворешна политика по бројните контакти со претставници на земјите-членки, чии препораки и сугестии околу преговорите со ЕУ дефинитивно се заглавени, како што неповратно е заглавена актуелнава влада, поточно „македонскиот дел од владата“. Уф, имаше еден стар македонски филм со сличен наслов, мислам по сценарио на Славко Јаневски, ама не можам точно сега да се сетам…
НАИВНИОТ МУЦУНСКИ
Како и да е, владата на Мицкоски, иако изгледа решително, отсечно на прв поглед, и иако тврди дека знае што прави, сепак покажува една политичка незрелост и волунтаризам што се граничи дури и со наивност.
Па, така, министерот Муцунски се прашува „дали сме сигурни дека кога би ги направиле уставните измени, тоа ќе биде последната отстапка што ја прави земјава кон ЕУ?“ НЕ СМЕ СИГУРНИ! НЕ!
Во меѓународната политика, никој во ништо не може да биде сигурен. Се менуваат интересите, се менуваат страните, се менуваат геополитичките околности.
Се надевам дека владата, сепак, не е толку наивна и дека знае, или барем прочитала, на пример, како изгледал договорот на Хитлер со Сталин за ненапаѓање, гаранцијата потпишана од највисоките воени претставници на двете земји, која набргу завршила со нацистичкиот напад врз Советскиот Сојуз под кодното име „Барбароса“.
А, Мицкоски, премиерот, како да е на пазар, или со комшилук пред зграда, па се дува пред пазарџиите и сеирџиите, не размислувајќи што зборува. Се лути и се кара со Европската комисија, со мангупски речник напернато им порача дека „додека е оваа влада, нема веќе да има отстапки“.
Тоа ни е познато и бајато. Но, сега во кавгата со ЕУ отиде малку предалеку. Притоа им кажа дека, ако не ја бендисуваат оваа влада, нека си најдат некоја друга влада, нека си ја донесат и нека си прават…
А, можело така? Според Мицковски, излегува дека тоа е позната работа, ЕУ, Америка, да си донесат влада во Македонија. Претпоставувам дека мислел на владата на социјалдемократите. Добро, еве, нека е така. А, тогаш, кој ја донесе владата на ВМРО-ДПМНЕ?