Пејачката Кристина Арнаудова веќе неколку години се занимава со хуманитарна работа и досега им е помогнато на многу социјално загрозени семејства. Еден од нејзините проекти е и бесплатниот летен камп за деца во социјален ризик „Шарено лето“ кој постои од 2017 година.
Таа денес ја извести јавноста дека за првпат неговото одржување е неизвесно бидеќи оваа година проектот не е поддржан од Град Скопје.
„Можам само да кажам дека ќе дадам сѐ од себе да се одржи овој камп, а на оние кои избришале ваков хуман и потребен проект нека им служи на чест. Мандатите поминуваат, а ние остануваме“, вели пејачката.
Во својата објава на Фејсбук, Арнаудова ја искажа својата разочараност од работата на актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска и ѝ препорача да не ја меша политиката во хуманитарната работа.
„Градоначалничката е токму онаква каква што очекувавме. Политичка фигура која нема сенс за хуманост и вакви проекти. Ќе бидат ова долги три и пол години. Јас само би ѝ препорачала да не меша политика во хуманитарни проекти кои се потребни на овој напатен народ и многу деца“, напиша таа.
Како за крај, ги повика сите заинтересирани граѓани, кои сакаат да донираат за кампот „Шарено лето“, да ја исконтактираат на социјалната мрежа Фејсбук.