Голема еколошка катастрофа се случува во Општина Неготино, откако вчера наутро избувна голем пожар во реон на армискиот полигон Пепелиште. Според Центарот за управување со кризи, огнениот фронт се протега на околу десет километри, а утрово од Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино се упати апел до жителите во селата Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места да ги напуштат своите живеалишта и да се засолнат на безбедно место, поради опасноста од забрзаното ширење на пожарот.
Уште во тек на вчерашниот ден, кога избувна пожарот чиј чад го прекри Неготино, до ,,Фокус” стигнаа повеќе реакции од вознемирени граѓани, кои тврдат дека истиот бил предизвикан од армиски припадници, кои утрото имале обука, односно вежба во армискиот камп Пепелиште.
-Уште од рано наутро започнаа да пукаат. Многу се пукаше, ги слушавме и се прашувавме како може да се изведуваат такви вежби среде оваа суша и покрај сите најави за голема опасност од пожари поради екстремно високите температури. Она од кое стравуваме, за кратко се случи, замириса насекаде на чад, започна да гори, за ,,Фокус” раскажуваат лица кои работат во фабрика лоцирана во близина на армискиот камп во Пепелиште.
И градоначалникот на Неготино, д-р Горан Стојанов ги потрдува гласините дека пожарот бил предизвикан од армиски припадници.
Вели дека според првичните неофицијални информации, била испукана бобма по грешка кон Пепелиште, и се започнало од таму.
-Неофицијално, најверојатно школска бомба со распрскувачки материјал, без експлозив, но целиот случај допрва ќе се испитува. Најважно е сега да се стави под контрола пожарот, вели д-р Стојанов.
Додава дека ќе се одржи средба со Владо Мисајловски, министерот за одбрана, и се надева дека ќе се најде решение, односно дека ако мора да се изведуваат вежби во лето, кога температурите се екстремно високи, да се има и соодветно обезбедување.
И советникот во Совет на Општина Неготино од редовите на Левица, Леон Ристов, вели дека ќе биде предложено да се направат консултации со Министерството за одбрана на темава.
Од министерството пак, се уште се немаат огласено по повод настанот, а министерот Мисајловки моментално е во Вашингтон, на Самитот на НАТО.
Инаку, и летото во 2019 година на армискиот полигон Криволак за време на вежба на НАТО војници се случи голем пожар кој беше активен неколку дена. Воздухот во градот беше задимен, а граѓаните бараа одговори околу тоа што се случува и што гори на полигонот. Тогаш од Министерството за одбрана кратко соопштија дека станува збор за конторлиран пожар.
Во тој период во Неготино немаше ниту една станица за мерење на загадувањето на воздухот, па на граѓаните им останаа грижите околу тоа колку е безбеден воздухот кој го дишат.
Истата година се случија голем број на летни пожари, како и катастрофалниот пожар на велешкото езеро Младост, и тогашниот премиер Зоран Заев најави дека ќе се обучуваат пилоти за Ер тракторите – авионите за гасење на пожар.
Но, и до денес, нема кој да ги лета трите Ер трактори со кои располага државата, бидејќи како што пред една недела изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК, двајца пилоти заминале во пензија, а со само еден активен пилот авионите не смееле да летаат.
Кога се хеликоптерите во прашање, државата располага со четири функционални за гасење на пожар, и тоа еден на Армијата и три во рамки на МВР.
Вчера гасењето на пожарот во неготинско се одвиваше со еден хеликоптер, а денес ЦУК најави дека се вклучуваат два, и тоа еден на армијата, и еден на МВР. Вклучени се и пожарникари од Неготино и Кавадарци, ЈП Комуналец, како и мештани.
Од ЦУК утрово информираа дека упатиле барање за поддршка за целосно извидување на теренот од воздух до МВР, а и барање за извидување од воздух со дронови на Граничната полиција и на „Фронтекс“.
Вики Клинчарова