По денешната посета на зоната на пожари во неготинско и средба со припадниците на Армијата во близина на воениот полигон Пепелиште, попладнево Генералштабот на Армијата ја информираше претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека продолжува борбата со огнената стихија во која припадници на Армијата во координација со сите инволвирани државни субјекти се ангажираат на неколку локации, пред се на планината Серта, а екипа попладнево е упатена кон Радовиш, како и екипа во реонот на с. Драгоево и с. Штркалево кон Криволак.
Армијата во досегашниот период дејствува со 100 припадници од вториот пешадиски баталјон и со два армиски хеликоптери МИ-8/17 кои се ангажираат на локации по насоки на Центарот за управување со кризи.
Притоа во првиот ден од активностите на армијата се исфрлени 44 тони вода, вчера 17 лета со 34 тони вода и денес до овој момент 28 лета и исфрлени 52 тони вода. Македонските сили во овој реон дејствуваат со помош од воздухопловите на Турција, Србија и Црна Гора.
Припадниците на АРМ остануваат на терен каде во соработка со владините институции ќе продолжат да се борат против заканата за животите на граѓаните и јавното добро.
При ангажирањето кое припадниците на Армијата го извршуваат крајно професионално, храбро и пожртвувано се почитуваат сите процедури и мерки за безбедност и лична заштита кои се пропишани согласно противпожарната обука која сите припадници ја поминуваат како дел од редовната обука.