Армијата одбележува 28 години постоење

by Fokus

Со почесна артилериска стрелба и со свеченост на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска ќе биде одбележан Денот на Армијата на Република Северна Македонија. Свеченоста ќе се реализира согласно протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници.

Од Генералштабот на Армијата информираа дека обраќање ќе имаат претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант, Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Претседателот Пендаровски на свеченоста, со Орден за воени заслуги ќе ги одликува баталјонот за воено-медицинска поддршка, третиот пешадиски баталјон од првата пешадиска бригада и канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.

По повод Денот на Армијата, во 10 часот ќе се изврши и почесна артилериска стрелба со пет плотуни од артилериски орудија на единица на артилерискиот баталјон.

Одбележувањето ќе биде пренесувано во живо на првиот програмски сервис на МТВ, како и на Фејсбук страниците на претседателот на државата, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.

Поврзани новости